ЕУ од Србија бара признавање на Косово и санкции кон Русија

Од:

Претседателот на Србија Томислав Николиќ изјави дека европскиот комесар Јаханес Хан за прв пат отворено и јасно му порачал дека Србија нема да стане дел од Унијата додека не го реши прашањето на Косово. Николиќ кој беше гостин на РТС, рече дека од Хан за прв пат го слушнал и вториот експлицитен услов за членство во ЕУ, а кој се однесува на воведување санкции кон Русија.

-Мнозинството земји на ЕУ имаат став за Косово, па вие би требало да се сложите со тоа. Членството во ЕУ подразбира заедничка надворешна политика (санкции кон Русија), посочил Хан.

-Од него слушнав дека нема да бидеме дел од ЕУ додека не го решиме прашањето на Косово. Прашав што подразбира тоа. Рече, со оглед дека мнозинството земји имаат став за тоа прашање и ние би требало да се сложиме со истото, изјави Николиќ и додаде дека му повторил и нему-во Србија не постои човек кој ќе го признае Косово.

-Таков човек не постои во Србија, во овој час, никогаш..и мислам дека тоа премногу провокативно го кажав, рече Николиќ и додаде дека ниту медиумите кои ги нарече дежурни, и кои го следат секој негов збор не смееле да приговорат на неговата изјава, бидејќи го знаат расположението на граѓаните.

Сепак според српскиот претседател ова не е итно прашање, иако имал намера јасно да се каже што мисли Србија за Косово. Што се однесува до Русија, Николиќ кажа дека Хан порачал дека Србија уште некое време ќе може да води сопствена политика, со оглед дека не е членка на ЕУ, но и дека членството во ЕУ автоматски подразбира заедничка надворешна политика. Српските власти во неколку наврати беа децидни дека нема да воведуваат санкции кон Русија.