Ердоган и Путин над три часа разговараа во новата претседателска палата во Анкара

Од:

Билатералната средба меѓу претседателите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анкара траеше над три часа пренесе агенцијата ТАСС.

Првично беше планирано средбата да трае час и 15 минути, но разговорите се оддолжија на 3 часа и 10 минути.

Пред посетата на рускиот претседател на Анкара, неговиот надворешнополитички советник, Јуриј Ушаков, изјави дека се предвидува Путин и Ердоган да разгледаат за актуелни меѓународни проблеми, меѓу кои и ситуацијата на Блискиот исток, вклучувајќи ги Сирија и Ирак.

Планирани се и разговори за воено-техничката соработка меѓу двете земји.

Претседателите на Русија и на Турција во моментов учествуваат на заседанието на Советот за соработка на највисоко ниво, информира ТАСС.

На средбата присуствуваат делегации на двете земји. Во руската делегација учествува рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, надворешнополитичкиот советник на Путин Јуриј Ушаков, амбасадорот на Русија во Турција, Андреј Карлов, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков. Во руската делегација се уште и министерот за енергетика Александар Новак, како и министрите за економски развој, за правда, транспорт и за труд.

Во делегацијата е вклучен и директорот на „Росатом“, Сергеј Кириленко, шефот на „Газпром“, Алексеј Милер, првиот човек на руската Федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор, Сергеј Данкверт, како и претседателот на руската република Татарстан, Рустам Миниханов.

По заседанието на Советот за соработка на највисоко ниво Путин и Ердоган ќе оддржат заедничка прес конференција.

Путин денеска беше пречекан во новата палата на турскиот претседател, што го предизвика гневот на турските опозициски партии, еколози и активисти, кои тврдат дека комплексот, што има 1.000 соби, е прескап и екстравагантен и дека е изграден и покрај судската одлука со која беше забранета неговата градба.

Путин е вториот странски високо позициониран гостин што официјално е примен во палатата, по папата Франциско.