Ердоган: Европа не е способна да прими ниту 200.000 бегалци

Од:

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја обвини Европската унија дека не работи доволно на решавање на кризата со емигрантите од која е погодена неговата земја, сугерирајќи дека ЕУ е одговорна за ситуацијата со масовното давење на луѓето во Средоземно Море.

Ердоган, во своето обраќање на Воениот институт во Џакарта, истакна дека Турција примила два милиони бегалци, а Европа не може да се справи со десетпати помалиот број на луѓе.

– Вкупно два милиони бегалци – 300.000 од Ирак и 1,7 милиони од Сирија во моментот се прифатени во Турција. А, кога станува збор за цела Европа, гладаме дека не е способна да прими само 200.000 бегалци во своите држави, посочи Ердоган.

Тој додаде дека Турција спасила голем број бегалци кои се обиделе да го поминат Средоземно Море за да стигнат во Европа, а во исто време ставовите и политиката на Европа се „такви дека тие луѓе завршуваат удавени во море“.