Поранешната српска министерка за градежништво, но и рударство – Зорана Михајловиќ (56) изјави дека размислува да се кандидира на претстојните претседателски избори. Таа смета дека е време жена да застане на чело на Србија, а актуелната власт ја оценува како неодговорна и погубна за земјата. Сè уште нема донесено конечна одлука, пишува српски „Блиц“.
„Размислувам да се кандидирам за претседател на Србија бидејќи ја сметам власта за неодговорна, незрела и погубна за Србија. Мислам дека навистина е време жена да биде претседател“, изјави Михајловиќ.
Таа потврди дека за можната кандидатура разговарала и со поранешниот претседател Александар Вучиќ.
„Разговаравме, поточно, го прашав за евентуална поддршка доколку одлучам да се кандидирам“, појасни таа, пренесува „Блиц“.
Таа наведе дека сè уште ја разгледува оваа можност и додаде дека, според неа, изборните услови се лоши. Рече дека ќе ја извести јавноста штом донесе одлука.
Нејзината изјава дојде откако Александар Вучиќ за време на денешното обраќање до јавноста изјави дека Михајловиќ е подготвена да се кандидира за претседател на Србија.
Вучиќ го спомена и Драган Ј. Вучиќевиќ, главниот уредник на „Информер“ кој моментно е во притвор како можен кандидат.
Михајловиќ се осврна и на неодамнешните информации за нејзиното повторно приклучување кон Српската напредна странка и нагласи дека таа не се вратила во партијата.
„Не сум член на СНС од декември 2022 година, но имам право да се појавувам во партијата“, рече таа.
