Две компании во трка за добивање концесија на автопатот Драч-Кукс

Од:

Албанскиот министер за транспорт и јавни работи, Едмонд Хаџинасто, информираше дека на тендерот за концесија на автопатот Драч-Кукс-Морина, во игра се две компании, кои за тоа нудат по 50 милиони евра.

– Тоа е капитална инвестиција. И нашите предвидувања беа на 50 милиони евра колку и понудите – рече Хаџинасто, додавајќи дека станува збор за компаниите „Vendeka Bilgi” и „Catalys and Salillari”.

Концесијата е за период од 30 години, а се предвидува наплата на патарина од околу пет евра за секое возило кое ќе минува на делницата Милот-Морина (60 км). Која од споменатите компании ќе биде избрана ќе се знае деновиве.

На концесионерот му се гарантира субвенција до четири илјади возила на ден, што значи дека доколку не се обезбеди оваа фрекфенција на возила преостанатиот дел ќе се плаќа од државниот буџет.

За првата година гарантиранниот износ е околу осум милиони евра и продолжува со раст секоја година, се до 14 милиони евра.

Хаџинасто исто така информираше за уште една концесија, за која веќе е потпишан договор.

Станува збор за изградба на пристаниште за јахти во Шенѓин. Инвестицијата е околу седум милиони долари од страна на заедничка словачко-унгарско-австриска компанија.

Концесијата е на 35 години, а целта е според министерот, развој на туризмот. Изградбата треба да заврши за една година.