Децата војници од Босна напуштени од страна на државата

Од:

Околу 2.000 деца учествуваа во војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, понекогаш во ужасни услови во војната, но нивното барање за добивање на државни бенефиции не е усвоено.

Кено имал 15 години кога првпат земал оружје во раце, бидејќи војната затропала и на неговата врата во домот во Сараево.
– Мајка ми ме разбуди и рече да бегаме бидејќи борбите стигнаа до нашата куќа – рече, сеќавајќи се на својот прв ден во улога на дете војник.

– Додека се облекував, борбите почнаа пред нашата зграда. Еден сосед беше ранет. Носеше пушка на своето рамо. Него го однесоа, а јас ја земав пушката. И така почна.

Јено станал волонтер во Босанската војска во април 1992 година. Се уште плаче кога ќе се сети како го изгубил својот најдобар другар во војната.

– Толку ми е тешко да зборувам за ова сега, но сепак не можам да кажам дека жалам за тоа што го направив. Чувствував дека правам вистинска работа. Бев покрај луѓето кои ги сакам, имав чувство дека ја заштитувам мајка ми, сестра ми и само тоа ми беше важно – рече тој.

Кога дошол крајот на неговото волонтирање, вели дека се чувствувал многу заморно: – Кога наполнив 18 години имав чувство дека имам најмалку 36 години – рече тој.

Војната во Босна не се водеше само на фронт туку и во градовите и по селата, каде многу луѓе се приклучија на вооружените сили во обид да ги заштитат своите семејства и домови – некои од нив премногу млади за да бидат примени во регуларната војска.

Меѓу нив бил и Ненад, кој доаѓа од село блиску до градот Требиње, кој се наоѓа во јужна БиХ, кој се приклучил на војската на Босанските Срби во 1992 година. Имал 16 години и во тоа време неговото село било полно со луѓе во униформи, се сеќава тој.

– Тогаш бев опседнат со филмови како што е Рамбо, фантазирајќи еден ден да станам како него. Се приклучив на војската да се правам важен со оружјето и во униформа, претворајќи дека сум Рамбо. За жал, мојот живот не беше ни налик на тоа што го гледав во филмовите – рече тој.

Во текот на следните три и пол години, Ненад станал вистински војник, станувајќи припадник на специјалните единици на српските сили и еден од телохранителите на командантот на таа војска, Ратко Младиќ, кој сега е обвинет за воени злосторства.

– Се борев низ цела Босна. Сакав да престанам, но не постоеше начин да се извлечам по сите работи што ги направив и видов. Знаете за сите тие приказни за воените злосторства, е па јас ги видов со свои очи – рече тој.

– Се срамам поради тоа, но не можам ништо да направам да го сменам минатото, кое сега ме прогонува.

Ненад ја напуштил Босна и Херцеговина веднаш по војната и никогаш не се вратил. Интервјуто за БИРН го дал во Србија.

– Враќањето во Босна за мене е како враќање во војна. Дури и тука каде што живеам денес, се борам со своето минато. Во Босна беше уште полошо. Да бидам искрен, би сакал еден ден да ме обвинат за воени злосторства, но ми се чини дека никој не ме бара, а немам доволно храброст самиот да се предадам – рече тој.

Ненад, како и повеќето тинејџери кои учествувале во борбите, страда од пост трауматско стресно пореметување. Вели дека има проблеми со депресија, ноќни кошмари, недостиг на концентрација и додава дека нема доверба во луѓето, а некогаш му е тешко да ги контролира своите постапки и емоции. Сепак, никогаш не барал психолошка помош и вели дека не му е познато дали има некои права или бенефиции како воен ветеран.

Посттравматски стрес

Федералното министерство за боречки прашања оценува дека околу 2000 деца учествувале во борбите во текот на војната од 1992 до 1995 година, но никој не го знае точниот број.

– Ние немаме податоци за тоа колку деца биле, кои се нивните проблеми и потреби – вели Федералниот министер за боречки прашања Зукан Хелез.

Извори на Обединетите Нации од 2001 година оценуваат дека тој број може да биде од 3 до 4 илјади, додека други сметаат дека може да е и многу поголем.

Според податоците на Истражувачко-документацискиот центар во Сараево, во текот на војната биле убиени вкупно 661 војник на 10 до 18 годишна возраст. Повеќето од тие кои преживеале, страдаат од посттрауматско стресно пореметување, тврди Хелез.

Меѓународната конвенција и договорите за заштита на децата, забрануваат учество на малолетници во борбени активност. Босна и Херцеговина е потписничка на конвенција со која се обврзува дека на децата војници ќе даде посебен статус и ќе им обезбедат грижа, но тоа до сега не е направено.

Всушност, државата активно се бореше против обидите децата војници да добијат поголеми права.

Санел Крушица се приклучил на Армијата на Република БиХ кога имал 16 години, откако го напуштил југословенското средно училиште, во кое одел тоа време.

– Го напуштив училиштето во петок, се надевав дека што и да се случи, ќе се случи подоцна. Меѓутоа, војната почна во понеделникот и веднаш облеков униформа – се присетува 22 години подоцна.

Неколку дена подоцна, се најдов на првата борбена линија, каде останав до крајот на војната, а кога војната заврши, останав без завршено средно училиште и без можности.
– Денес имам 40 годинин и единствените две работи што ги знам е како се војува и вози автомобил. Ниту едно од тоа не ми овозможи да најдам работа – рече тој.

Пред неколку месеци, Санел пристапи во Здружението на поранешни малолетни борци на Кантон Сараево, кое има околу 200 членови. Тогаш дознал дека како поранешен борец, има право на бесплатно здравствено осигурување и други бенефиции за кои порано не знаел.

Посебен случај?

Меѓутоа, властите во БиХ ги одбиле обидите на ова здружение да обезбеди посебен правен статус за малолетните борци.

– Тие бараат да ги третираме поинаку од другите ветерани, бараат посебен статус и права бидејќи биле малолетни борци. Меѓутоа, повеќето од нив биле волонтери и во некои случаи нивните родители потпишале согласност нивните малолетни деца да се приклучат на војската. Државата во тој случај не е одговорна – рече претставничката на Државното министерство за човекови права Салиха Џудерија.

Барањето на ова Здружение за помош го одбива и сараевската канцеларија на ОН организација за заштита на децата УНИЦЕФ, бидејќи поранешните војници повеќе не се малолетни. Локалните власти исто така се тргаат од овој проблем, за да не постават опасен преседан.

Санел тврди дека малолетниците во текот на војната се пријавувале да одат на боишта каде никој друг не сакал да оди.

– Децата не размислуваат за последиците. Но, децата исто така се борат без цели. Денес сфаќам дека се боревме за нечии други идеи и цели, а кога војната заврши, добивме ништо, а тие добија се – рече тој.

Санел вели дека многу се гордее со тој период од животот. Меѓутоа, тој исто така го осудува военото политичко водство што ги користело децата за свои цедли: – Она што сакам да го кажам на сите тие политичари кои ни дозволија да се бориме е – Господа, ви требавме да се бориме за вашите цели. Имав 16 години. Немав свои цели.

На почетокот на војната, како што вели Санел, се чувствувал како да е во стар филм за југословенските партизани. – Но, кога ќе го изгубиш првиот пријател, откако ќе носиш којзнае колку мртви и ранети тела, откако ќе го видиш лицето на војната, тешко си оштетен до крајот на животот.

И Санел и Кено сметаат дека дошло време владата да направи повеќе за малолетниците кои се бореле во текот на 90-тите.

Но, борбата за нивните права ќе биде потешка од што можат да претпостават.
– Оваа војна која денес ја водиме е многу потешка од вистинската војна – заклучи тој.