Четири лица загинаа во експлозија во термоелекрана во Обилиќ

Од:

Најмалку четири лица загинаа, а 13 се повредени во силната експлозија во Термоелектраната „Косово А“ во Обилиќ, близу Приштина.

Полицијата потврди дека четворица работници загинале и наведува дека се очекува уште една експлозија и оти преземени се сите мерки за евакуација, објави „Коха диторе“.

Стручните тимови се на терен, полицијата го блокираше пристапот до електраната, а во моментот се прават напори да се спречи можната втора експлозија.

Косовскиот премиер Хашим Тачи за Радио телевизија Косово изјави дека експлодирала боца со гас и од местото на експлозијата повика да не се создава паника.

Од Универзитетскиот клинички центар во Приштина потврдија дека кај нив се доведени 13 повредени жртви на експлозијата, и дека тие се надвор од животна опасност, а нивните повреди главно се изгореници.

Едмонд Нуљеши, директор на услуи во Енергетската корпорација на Косово рече дека до несреќата дошло во единицата за електролиза, што предизвикало силна експлозија, која се почувствувала и во Приштина.

– Опасноста не е мината, но е изолирана опасната зона. Сите специјализирани тимови се подготвени. Евакуирани се сите работници, бидејќи опасноста уште не мината. Јас сум со работниците, тука е и министерот Исмаили, сите сме тука за да помогнеме при спасувањето на луѓето, рече Тачи, кој поради експлозијата ги откажа сите предизборни активности.