Босанците сакаат да го заживеат старото писмо босанчица

Од:

Во Сараево е претставен проектот „Ти пишувам на босанчица“, во чии рамки студентите и ликовните академици од БиХ, со посредство на уметноста, ќе работат на заживување на босанчица како автохтоно писмо.

Идејата за проектот „Ти пишувам на босанчица“ е едукација не само на младите, туку и на пошироката јавност за заедничкото босанскохерцеговачко културно наследство.

Намерата е старото писмо босанчица (стара кирилица, брзописна кирилица или хрватска кирилица), кое порано се користело во БиХ да се спаси од заборав.

– Ние нема толку да се мачиме околу тоа како да ја наречеме, но ќе се потрудиме да го заживееме тоа старо писмо, да се обидеме на некој начин да го употребуваме и конечно да го симнеме анимозитетот од кирилицата, која беше некако заедничко писмо на кое пишувавме заедно низ вековите, вели директорката на проектот Амра Зулфикар Пашиќ.

Начинот на заживување на босанчицата ќе го осмислат студентите на ликовните академии од Сараево, Бања Лука, Широки Бријег и Требиње.

На конкурсот, кој ќе биде распишан во почетокот на јуни, планира да се пријави и сараевскиот студент по графички дизајн Ади Кубур.

– Ние конкретно имаме задача босанчицата да ја претвориме во еден дигитален медиум, да направиме фонт и покрај фонтот да направиме некој плакат поврзан за босанчицата и начинот на кој таа се користела порано и на некој нов начин на кој би можела да се користи денес, вели тој.