Бериша: Нема враќање на смртната казна во Албанија

Од:

Албанскиот премиер Сали Бериша ги офрли се погласните барања за враќање на смртната казна во Албанија, кои зачестија по трагедијата со малолетникот кого педофил сексуално го злоставувал и го убил, јави дописникот на МИА.

– Албанија е членка на Советот на Европа и укинувањето на смртната казна беше услов за членство во оваа инситуција. Во САД повеќе држави ја укинаа оваа казна, бидејќи и додека таа беше во сила не беше забележано намалување на криминатитетот. Ние треба да бидеме објективни и не можеме да правиме чекор кој ќе не изфрли надвор од Советот на Европа, изјави Бериша.

Тој најави донесување пакет-закони во кои ќе се предвидуваат построги казни.

– Ќе има многу построги казни за семејно насилство, за убиство на жена, за наслиство врз деца, за убиство на полицајци и секако за убиство поради крвна одмазда, нагласи Бериша.

Покрај граѓанскиот сектор, вчера и партијата Движење за легалитет побара враќање на смртната казна.

За се позачестените убиства денеска опозициските социјалисти ја обвинија власта.

– Албанските граѓани не се безбедни кога полицијата реагира со задоцнување. Безбедоста во земјава се гарантира кога власта е способна да го спречи криминалот, изјави Еглантина Ѓермени, социјалистичка пратеничка.

Според неа, државата треба да ја игра својата улога во едно демократсво општество.