Албанскиот национализам е цивилизиран национализам, што се базира на вредностите на слободата, на духот за слобода, на виталниот национален интерес, кој никогаш не може да биде победен.
Тоа го изјави албанскиот премиер Сали Бериша, на вонредната седница на Парламентот на земјата, посветена на петтата годишнина од објавувањето на независноста на Косово.
Бериша го оцени прогласувањето на независноста на Косово како „најзначајниот настан на националната историја“.
Тој истакна дека албанскиот национализам „не се базира на територијални претензии и не содржи во себе доктрина за уништување, ниту пак фобија кон другите“. – Тоа е национализам врз основа на граѓанските вредности, изјави Бериша.
Медиумите во Тирана ја толкуваат изјавата на Бериша како „одговор на критиките на Вашингтон“ поради националистичката реторика во последно време на албанското политичко раководство, пренесе БТА.