Атина во потрага по своја балканска политика

Од:

Вима – Атина

Грчката влада стреми во овој особено тежок период за земјата да врати дел од своето загубено влијание на Балканот, по продолжениот период на неделување, како го оценуваат тоа високи извори од грчкото Министерство за надворешни работи. Тоа впрочем и беше целта на неодамнешната турнеја на министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, на Бугарија, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово, пишува грчкиот весник Вима.

Информирајќи го неодамна Владиниот совет за надворешна политика за свиоте балкански обиколки, министерот изјави дека „Грција треба да се врати на Балканот“.

Изданието потсетува дека Атина има редица отворени прашања на Балканот (со Македонија и со Албанија), односите со Белград изгледа не се во овој стадиум најдобри заради Косово, Турција веќе длабоко е навлезена во регионот, а Балканскиот Полуостров станал протекторат на Германија, (и на второ место на Австрија), кои се обидуваат да создадат своја втора економска сфера на влијание.

Според високи извори од минстерството за надворешни работи, Атина треба да ги рестартира своите обиди за создавање на „балкански хинтерланд“. Станува збор за стратегија која започна во текот на 90-ите години од минатиот век, чиј зенит беше „Солунската агенда“ која се случи за време на грчкото претседателствување со ЕУ во 2003 година, за европската перспектива на државите од регионот.

Истите извори проценуваат дека „таа линија треба повторно да биде исцртана“. Според Вима, грчката Влада ја споделува тезата дека треба неодложно да бидат преземени дејствија по прашањето за името на Македонија, и покрај политичката нестабилност која сега владее во таа соседна држава.

Весникот потсетува дека по преговори под закрила на ЕУ и на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во Македонија ќе се одржат избори во април 2016 година, но пред тоа во јануари 2016 сегашниот премиер Никола Груевски ќе треба да даде оставка.

Главниот акцент кој следува на патот на грчката страна е лансирањето на мерки за изградба на доверба со Скопје. При неодамнешната посета на Македонија, грчкиот министер за надворешни работи договори 11 мерки за доверба, а на масата стојат и други слични. За таа цел, македонскиот министер за надворешни работи Никола Поповски беше поканет да ја посети Атина во октомври.

Истовремено, извори од Министерството за надворешни работи во Атина рекоа дека решавањето на проблемите со Скопје минуваат во конуслтации со Бугарија. Тие истакнаа дека неодамна со таква мисија во Софија бил грчкиот преговарач за спорот со Скопје, амбасадорот Адамантиос Василакис, пишува уште весникот Вима.