Школка за тоалет изработена од 18-каратно злато, дизајнирана од италијанскиот уметник Маурицио Кателан, беше продадена на аукција во Њујорк за 12,1 милиони долари, објави аукциската куќа „Сотби“.
Школката е направена од 101 килограм злато и е целосно функционална.
Почетната цена е базирана на цената на златото на денот на аукцијата, објави „Сотби“ пред продажбата.
Вчера 101 килограм 18-каратно злато вредеа околу 10 милиони долари.
Кателан (65) создаде две верзии на златната тоалетна школка во 2016 година и обете ги нарече „Америка“.
Едната беше изложена во музејот Гугенхајм во Њујорк, пред да биде украдена во 2019 година од палатата Бленхајм, родното место на Винстон Черчил во Англија, каде што беше позајмена.
Втората верзија беше продадена во 2017 година на приватен колекционер, кој ја понуди на аукција. Според американските медиуми, колекционерот е милијардерот Стив Коен, сопственик на бејзбол тимот Њујорк Метс.
Аукцијата на ова уметничко дело предизвика доста возбуда за време на подготовките за продажбата и беше со нетрпение очекувана.
