Речиси 30 години по убиството на хип-хоп легендата Тупак Шакур, денеска во Лас Вегас почнува судењето на Дуане „Кефи Д“ Дејвис, кој е обвинет за неговото убиство.
Изборот на поротата започнува денеска, а судењето се очекува да трае околу еден месец. Доколку биде прогласен за виновен, на 63-годишниот Дејвис му се заканува доживотен затвор.
Обвинителството својот случај во голема мера го темели на зборовите на самиот Дејвис – од неговата книга „Compton Street Legend“ од 2019 година, интервјуа за медиуми и документарци, како и изјави дадени пред полицијата.
Дејвис, пак, се изјасни за невин и тврди дека неговите претходни изјави биле измислени со цел да ја зголеми продажбата на книгата. За дел од спорните тврдења го обвинува и својот коавтор.
Во книгата Дејвис детално ја опишува ноќта на 7 септември 1996 година, кога Тупак беше застрелан во Лас Вегас.
Според неговата верзија, конфликтот започнал откако Тупак и директорот на Death Row Records, Марион „Суге“ Најт, го нападнале неговиот внук Орландо Андерсон. Дејвис потоа набавил пиштол и заедно со Андерсон и уште двајца мажи тргнале да ги бараат Тупак и Најт.
Кога го забележале автомобилот во кој се наоѓал Тупак, се приближиле.
„Не разменивме ниту збор, времето за разговор помина, срањето само што требаше да почне“, напишал Дејвис во книгата.
Тој наведува дека Тупак направил нагло движење и посегнал под седиштето, по што почнала престрелката.
„Пак го извади пиштолот и тогаш почна пукањето. Еден од моите момци од задното седиште го зграби Глокот и возврати“, напишал Дејвис.
Тупак беше погоден со четири куршуми и почина шест дена подоцна, на 13 септември 1996 година. Суге Најт беше ранет во нападот.
Обвинителството тврди дека Дејвис бил лидер на групата која го извршила нападот и дека бил единствениот преживеан од автомобилот од кој било пукано.
Полицијата со години немаше доволно докази за поднесување обвинение. Дејвис беше уапсен дури во септември 2023 година.
Во 2008 година, тој разговарал со агенти на федерална работна група во рамките на договор според кој неговите информации, со одредени исклучоци, не можеле директно да бидат искористени против него.
Во разговорот тој опишал како по конфликтот со Андерсон набавил оружје и со останатите тргнал во потрага по Тупак и Најт. Според полициските белешки, Дејвис седел на совозачкото седиште, додека Андерсон бил на задното седиште.
Дејвис и подоцна јавно зборувал за случајот, вклучително и во документарецот „Death Row Chronicles“ во 2018 година.
Една од најнеобичните ситуации во судењето е тоа што обвинителството ќе се обидува да докаже дека обвинетиот е веродостоен кога зборувал за својата улога во убиството.
Одбраната, пак, ќе се обидува да докаже токму спротивното – дека Дејвис е лажливец кој измислувал приказни за да заработи пари и да ја зголеми продажбата на книгата.
„Тоа е целосен пресврт. Ретко се гледа нешто вакво“, изјави правната аналитичарка на CNN, Лора Коутс.
Другиот правен аналитичар, Џои Џексон, ситуацијата ја опиша уште поедноставно:
„Тој е обвинет, но искрено, во исто време е и клучниот сведок.“
Обвинителите веќе посочија дека делови од книгата се совпаѓаат со други докази. Како пример го наведуваат описот на облеката што Дејвис ја носел во ноќта на пукањето. Подоцна била пронајдена негова фотографија на која е облечен токму во такво одело.
Во судски поднесок обвинителството признава дека книгата е сензационалистичка, дека содржи преувеличувања и неточности, но тврди дека во голема мера се совпаѓа со проверливи детали од животот на Дејвис.
Тужителите се соочуваат и со сериозен проблем – времето.
Поминаа речиси три децении од убиството, а дел од потенцијалните сведоци во меѓувреме починале. Други имаат избледени сеќавања за настаните.
„Избледените сеќавања ќе бидат најголемиот проблем на ова судење“, оцени Коутс.
На листата на сведоци на обвинителството е и Суге Најт, кој беше ранет во нападот. Сепак, тој претходно изјавил дека нема да сведочи. Најт моментално издржува 28-годишна затворска казна откако со автомобил усмрти човек.
Токму поради тоа, правните аналитичари сметаат дека главната тема на судењето ќе биде едно прашање:
Дејвис уште при апсењето во 2023 година тврдеше дека не е виновен.
„Не се грижам. Не сум направил ништо“, му рекол на полицаецот, според снимката од полициската камера.
На прашањето зошто е уапсен, тој одговорил:
„За најголемиот случај во историјата на Лас Вегас.“
