Огромен билборд на „Келвин Клајн“ (Calvin Klein), на кој фудбалската ѕвезда на Реал Мадрид, Џуд Белингам, позира во долна облека, стана нова атракција на Менхетен. Возачите запираат, свират со автомобилите и излегуваат за да го фотографираат и снимаат рекламниот плакат.
Рекламата е поставена на аголот на улиците Хјустон и Лафајет, во њујоршката населба НоХо, а се простира на површина од околу 17 на 23 метри. Белингем носи модел од колекцијата Icon Cotton Stretch Hip Brief, а кампањата официјално беше претставена на 2 ноември.
Како што пишува „Пејџ Сикс“, жителите на околните згради велат дека метежот пред билбордот не престанува.
„Луѓето по цел ден свират со автомобилите и излегуваат за да снимаат видеа“, раскажал еден од жителите.
Друг извор за порталот изјавил дека рекламата веќе станала туристичка атракција.
Снимките од билбордот го преплавија ТикТок
Билбордот брзо стана хит на ТикТок, каде што корисниците објавуваат снимки од аголот на улиците Хјустон и Лафајет.
Еден маж на шега напишал дека девојките кои велат дека одат на шопинг во Сохо всушност не одат по дизајнерски чанти, туку за да го видат Џуд.
Корисничка на ТикТок ја опишала глетката како најдобриот поглед во Њујорк, додека друг корисник, кој се претставува како Британец во Њујорк, објавил снимка од улицата со коментар дека токму тоа сака да го гледа.
На Инстаграм се споделуваат и компилации од реакциите на минувачите. Една девојка се пошегувала дека вниманието ѝ залутало додека се враќала дома, други им порачале на жените да возат внимателно, а еден маж ја опишал населбата Сохо како небезбедна.
Кампањата се покажа како успешна и за брендот. Според американските медиуми, видеата со Белингем објавени на официјалниот профил на „Келвин Клајн“ на ТикТок имаат повеќе од 128 милиони прегледи. Акциите на матичната компанија ПВХ во средата достигнале раст од 6,14 отсто во однос на вредноста пред објавувањето на кампањата.
Фотографиите биле направени во август во Мадрид, а ги снимил британскиот фотограф Оливер Хедли Пирч.
„Келвин Клајн“ го користи овој рекламен простор со децении, а неговите билборди редовно привлекуваат внимание. Во јануари 2024 година таму беше поставена реклама со актерот Џереми Ален Вајт, а во март 2025 година со музичарот Бед Бани.
