Во светот на филмот, каскадерите се незаменливи. Без нив, акционите сцени не би постоеле, а филмовите би биле сведени на долги дијалози слични на театарските претстави.
Каскадерите не само што скокаат од облакодери, минуваат низ оган и учествуваат во спектакуларни сообраќајни несреќи, туку честопати ги менуваат актерите во сцени кои вклучуваат тешки физички изведби.
Сепак, некои актери инсистираат да изведуваат свои акробации.
Најпознат меѓу нив е Том Круз, кој лично изведе неверојатни подвизи, како што се искачувањето на највисоката зграда во светот во филмот „Mission: Impossible – Ghost Protocol“ (2011), или скокањето од карпа со мотор во „Mission: Impossible – Dead Reckoning Part One“.
Друго големо име во светот на акцијата е Шарлиз Терон. Иако е подеднакво ценета во драмите како и во акционите филмови, многумина не знаат дека таа сама ги изведува повеќето опасни сцени.
Во шпионскиот трилер „Атомска русокоса“ (2017), кој им оддава почит на акционите филмови од осумдесеттите, таа мораше да научи 30 последователни потези за сцените со тепачка на скалите и да ги изведе толку беспрекорно што дури и режисерот Дејвид Лит, поранешен каскадер, немаше замерки.
Сепак, Шарлиз Терон не беше секогаш толку сигурна во своите каскадерски вештини. За време на снимањето на научно-фантастичниот филм „Eon Flux“ во 2004 година, таа доживеа тешка несреќа за време на сцена каде што висеше од жици и скокаше на трамболина.
„Тоа беше многу сериозна несреќа“, се сеќава актерката во едно интервју во 2017 година.
„Бев на сантиметар од трајна парализа. Тоа дефинитивно ме разбуди и ме натера да сфатам колку е важно да се биде целосно подготвен“ рече актерката.
Поради повредата се здобила со хронични болки, грчеви и оштетување на нервите.
„Конечно, пред четири години имав операција на цервикалниот ‘рбет, што беше најдобрата одлука што ја донесов. Сега моето тело повторно работи совршено и не сакам повторно да го загрозувам моето здравје“, истакна таа.
Додека повеќето актери би ги оставиле сите ризични сцени на каскадерите по ваква несреќа, Шарлиз Терон одлучила поинаку. Наместо да се повлече од акционите секвенци, таа реши да биде уште поподготвена.
„Сакам да раскажувам приказни преку физичките способности“, рече таа.