Холивудската актерка и хуманитарка – Анџелина Џоли ги опиша застрашувачките моменти од нејзиното неодамнешно патување во Николаевската и Херсонската област, каде што беше принудена да се засолни додека руски дрон прелета над нив. За време на посетата на семејствата што живеат на фронтовската линија, Џоли од прва рака беше сведок на секојдневните опасности со кои се соочуваат Украинците, пишува „Киев Индепендент“.
View this post on Instagram
Таа денес ги сподели шокантните детали на својот Инстаграм профил.
„Заканата од дроновите беше постојана. Се слушна ниско зуење на небото“, напиша Џоли.
„Имаше момент кога моравме да застанеме и да чекаме додека дронот прелета над нас. Бев во заштитна опрема, а за мене тоа беше само неколку дена. Семејствата тука живеат со тоа секој ден“ – порача таа.
На 5 ноември, Џоли отпатува во воено разорената јужна Украина во соработка со Британската фондација „Наследство на војната“. Ова не е нејзина прва посета на земјата од почетокот на инвазијата – во пролетта 2022 година, таа го посети Лавов и се сретна со внатрешно раселени лица.
Градот Херсон, кој го посети, се наоѓа веднаш до реката спроти руските позиции и е постојана цел на силно гранатирање, во кое често се убиваат цивили.
Актерката опиша како руските сили „го следат, ловат и тероризираат“ локалното население во она што го нарече „човечко сафари“.
Таа самата виде како училиштата, клиниките и градинките се принудени да работат под земја, а разговараше со локалното население за тешкиот психолошки товар од живеењето под постојана закана и нивниот страв дека светот ќе ги заборави.
