Прославениот рокер Еди Ван Хејлен ја загуби битката со ракот

Од:

Легендарниот американски рок музичар и основач на групата „Ван Хејлен“, Еди Ван Хејлен, почина денеска на 65-годишна возраст, по долгата борба со ракот, а тажната вест ја објави неговиот син Волф на Твитер.

„Тој беше најдобриот татко што можев да го посакам. Секој момент со него, на сцената или надвор од неа, беше подарок,“ напиша синот на Еди, кој на само 16 години му се придружи на бендот на неговиот татко како басист.

Ван Хејлен, роден во Амстердам и пораснат во Пасадена, во американската држава Калифорнија, го основал бендот Ван Хејлен во 1974 година, заедно со неговиот брат Алекс, басистот Мајкл Ентони и пејачот Дејвид Ли Рот.

Бендот има продадено околу 80 милиони плочи и има неколку албуми со мултиплатинумски тиражи, а неговата популарност во голем дел се должи на иновативниот стил на свирење на гитарата кој го поседуваше Еди Ван Хејлен.