Порториканката Џенифер Барето (27) ја освои титулата „Мис Универзум 2026“, испишувајќи историја како првата мајка и првата мажена жена што го постигна тоа.
Барето е шестата претставничка на Порторико која ја освои оваа престижна титула.

По прогласувањето на победничката, започна голема прослава во нејзиниот роден град Сан Себастијан, кој се наоѓа во планините на западен Порторико и брои околу 39.000 жители.
Барето има ќерка и поседува магистерски дипломи по истражувачка психологија и клиничка социјална работа.
Таа е вработена во Министерството за одбрана на САД како експерт за превенција, каде што развива стратегии за сузбивање на штетни облици на однесување.

На прес-конференцијата по натпреварот, кој таа го нарече „Олимпијада на убавината“, Барето изјави дека е подготвена за нови предизвици.
„Подготвена сум да почнам со работа. Знаете дека сум многу дисциплинирана жена“, рече Барето, додавајќи дека сака предизвици и сака да ја добие наклонетоста и почитта на сите.
За време на финалните рунди од натпреварот, претставничката од Порторико беше поздравена со громогласен аплауз од публиката во салата „Хозе Мигел Агрелот“. Кога беше прогласена за победничка, победувајќи ги претставничките на Доминиканската Република и Венецуела, таа во неверување го покри лицето со рацете.
Порторико сега се наоѓа на третото место според бројот на освоени титули „Мис Универзум“, зад САД со девет и Венецуела со седум круни.
