Памела Андерсон мислеше дека ќе умре – лекарот пред 30тина години ѝ рече дека има уште 10 години живот

Од:

Кога на Памела Андерсон ѝ беше дијагностициран хепатитис Ц кон крајот на 90-тите години, не постоеше лек за болеста. Говорејќи на гала-вечерата на организацијата „amfAR“ во Венеција, ѕвездата од серијата „Чувари на плажата“ се присети на тој период.

„Тоа беше смртна пресуда. Лекарот ми рече дека веројатно ми преостануваат уште десет години живот“, изјави Памела Андерсон.

„Сигурна сум дека тоа влијаеше на моите одлуки. Не беше страв од смртта, туку страв за моите мали деца. Животот целосно ми се промени“, додаде Андерсон.

Лек за оваа вирусна инфекција беше пронајден во раните 2010-ти години, а до 2015 година Андерсон беше излекувана, иако ги потроши сите свои заштеди на лекувањето, пишува „Variety“.

Во неделата вечерта, во Венеција, таа ја прими наградата за храброст на „amfAR“.

Оваа непрофитна организација е посветена на борбата против епидемијата на ХИВ и СИДА, а исто така финансира и истражувања за хепатитис Ц, кој е честа коинфекција кај луѓето со ХИВ.

„Моето искуство со срамот и вината исто така беше несвесен процес. Сè уште го носам тоа во себе“, рече Андерсон.

„Исто како и со сексуалната злоупотреба што ја претрпев како дете, се чувствував како ‚оштетена стока‘. И така се претставував пред другите“ порача актерката.

Иако вели дека сè уште не се опорави целосно од шокот по дијагнозата, тоа искуство ја поттикна да се врати на глумата.

Таа оствари забележителни улоги во филмовите „The Last Showgirl“, „The Naked Gun“, „Rosebush Pruning“ и „Place to Be“, кој имаше премиера во средата на Филмскиот фестивал во Венеција.

„Ја најдов својата вистина преку работата и барав начини да се изразам преку уметноста. Тоа ми даде сила и исполнет живот во кој можам да создавам“, заклучи таа.

„Јас не сум жртва, јас сум победник. Силна сум и способна, повеќе отколку што некогаш сум можела да сонувам. Не сум беспомошна дама во неволја, колку и да е лесно да се одигра таа улога“ порача Андерсон.

Би можело да ве интересира

Спасот од Холивуд го најде во шума

Предраг Петровиќ