По прикажувањето на новиот документарен филм, откриени се досега непознати детали од животот на холивудската дива Елизабет Тејлор.
Новиот документарец на HBO за Елизабет Тејлор „The Lost Tapes“, кој синоќа беше премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал, откри досега непознати детали од нејзиниот живот.
Создаден е со пристап до личната архива на слики и видеа на покојната актерка, како и 70 часа новооткриени аудио снимки од Тејлор како разговара со нејзиниот пријател, починатиот новинар Ричард Мериман, пишува Алисон Бошов за Дејли Меил.
Почнувајќи од 1964 година, Елизабет често била снимана во ситните часови во лошо расположение поради поранешните пријатели и љубовници, но и самата таа.
Актерката откри најмногу за краткиот брак со пејачот Еди Фишер, кој го опишува како пекол на семејно малтретирање, нешто за што досега не се зборувало.
Фишер и неговата сопруга Деби Рејнолдс, која исто така беше актерка, беа одлични пријатели со Лиз и нејзиниот трет сопруг Мајк Тод. Но, откако Тод загина во авионска несреќа во 1958 година, Лиз побарала утеха во Фишер,a романсата го завршила неговиот брак.
Таа искрено вели дека никогаш не го сакала Фишер и дека завршила заробена во брак кој станал насилен.
„Еди беше голем пријател на Мајк. Тоа беше единственото нешто што ни беше заедничко. Никогаш не го сакав Еди. Ми беше жал за него. Не се сеќавам многу на бракот, освен дека тоа беше една голема ужасна грешка – го знаев тоа пред да се омажам, но не знаев како да се извлечам од тоа“, изјавила актерката.
Откако се вљубила во Ричард Бартон на снимањето на Клеопатра, таа се вратила кај Фишер и му рекла дека ќе се обиде да го спаси бракот, но тој лошо ја примил веста.
„Еди седеше навечер – и имаше пиштол. Секогаш кога речиси ќе кимнев со главата, тој ме галеше за рака и ми рече: „Нема да те убијам, нема да пукам. Преубава си за да те убијам. истрчав од дома, бев толку исплашена“, открила актерката.
Режисерката на документарецот Нанет Бурстајн изјави: „Она што и се случи со папараците беше страшно – таа беше првата модерна славна личност и беше понижена…но подоцна сфати дека таа слава може да ја искористи за добро“.