Најстарата личност во светот денеска го слави својот 117. роденден

Од:

Етел Кетеркам, најстарата личност во светот, денес го слави својот 117-ти роденден. Таа ќе го прослави со пријателите и семејството во домот за стари лица „Холмарк Лејквју“ во Сари, а зад неа е година што ја опишува како исполнета со нови искуства, пишува „Скај њуз“.

Како најважен настан, таа ја издвои средбата со кралот, кого го фати за рака.

„Со нетрпение очекувам што ќе донесе следната година“, додаде таа.

Кралот Чарлс ја посети Кетеркам минатиот септември, кратко откако таа наполни 116 години. Таа ја презеде титулата најстара личност во светот во мај 2025 година, по смртта на една 116-годишна бразилска калуѓерка.

Таа му раскажа на монархот како присуствуваше на неговото прогласување за принц од Велс во 1969 година, кога тој имаше 21 година.

„Сите девојки беа вљубени во Вас и сакаа да се омажат за Вас“, му рече таа.

Чарлс е шестиот британски монарх откако Кетеркам се роди во Хемпшир на 21 август 1909 година, пет години пред почетокот на Првата светска војна.

Таа е последната жива поданичка на кралот Едвард VII, кој почина во мај 1910 година. Оттогаш, на тронот се сменија Џорџ V, Едвард VIII, Џорџ VI, Елизабета II и сега Чарлс III. Кетеркам е претпоследното од осумте деца во семејството.

Таа се запозна со својот сопруг Норман, поранешен потполковник во армијата, на една вечера во 1931 година. Тој почина во 1976 година. Тие живееле во Солсбери пред да бидат испратени на служба во Гибралтар и Хонгконг.

Во Хонгконг, Кетеркам отвори градинка и одгледа две ќерки, кои починаа пред неа.

Во младоста, таа живееше и во Индија, каде што работеше како дадилка во семејство на еден офицер, во периодот од нејзината 18-та до 21-та година.

На Кетеркам ѝ недостасуваат уште пет години за да го достигне рекордот за најстара личност во историјата. Тој рекорд го држи Французинката Жан Калман, која живееше 122 години и почина во 1997 година.

Би можело да ве интересира

Најстарата личност на светот почина на 117 години