Актерската икона Брижит Бардо повторно е итно префрлена во болница, само неколку недели по неодамнешната операција.
91-годишната актерка наводно е примена во приватната клиника „Сен-Жан“ во Тулон пред десет дена, каде што сè уште се лекува, објавува „Дејли меил“.
Ова е нејзино второ хоспитализирање за многу краток временски период. На почетокот на октомври, Бардо помина три недели во истата болница поради неодреден здравствен проблем, а потоа беше подложена на мала процедура. Откако се врати во својот дом во Сен Тропе, нејзиниот портпарол изјави за „Дејли меил“: „Госпоѓа Бардо е дома и се одмара. Таа е добро“.
Но, францускиот „Нис Матен“ сега објавува дека Бардо повторно е итно хоспитализирана поради „истата болест“.
Минатиот месец, Бардо беше принудена јавно да ги негира гласините за сопствената смрт, откако популарниот француски инфлуенсер Акабабе објави на социјалните мрежи X и Инстаграм дека актерката починала.
„Според моите ексклузивни информации, Брижит Бардо почина денес“, напиша тој, додавајќи дека „иконата го напушти светот оставајќи неизбришлив белег во срцата на Французите“.
Неколку часа подоцна, Бардо се појави на X и остро реагираше:
„Не знам кој идиот ја започна оваа лажна вест за мојата смрт вечерва, но знајте дека сум добро и немам намера да се откажам. Доста со паметните“.
Актерката и претходно се соочи со здравствени проблеми. Во јули 2023 година, Бардо имаше проблеми со дишењето среде екстремната летна жештина во Сен Тропе.
