Бобан Симоновски најдобар на гастро – шампионатот Ниш 2016

Од:

Македонскиот национален тим предводен од шефовите на Здружението на готвачи „Гастро мак“ се врати од 3. Меѓународен гастро-туристички шампионат Ниш 2016 со пехари за најдобар готвач и за најдобар ресторан, со 15 златни медали, со дипломи за поддршка и развој на гастрономијата, како и со почесно членство во Асоцијациите на шефови на регионот Сицилија од Италија и Романија.

Тимот на „Гастро мак“ се натпреваруваше во сениорска конкуренција во пет категории: подготвување чорба од риба, национална кујна, јадење на скара, национална кујна на модерен начин и фламбирано јадење пред гостин.

Привилегија беше довербата од организаторот, шефовите на „Гастро мак“ да подготват 1.000 порции јагнешка чорба за посетителите на Нишкот саем кои со голем интерес ги следеа натпреварите во поединечните и екипните категории.

На Шампионатот учествуваа околу 400 натпреварувачи и 30 меѓународни судии од 20 земји меѓу кои Германија, Романија, Словенија, Црна Гора, Швајцарија, Италија, Израел, Холандија, Велика Британија, Словачка, Србија, Бугарија, Грција, Тунис, Унгарија, Босна и Херцеговина, Австрија, Азербејџан, Хрватска и Македонија.

„Гастро мак“ беше предводен од капитенот Зоран Андонов, шеф на кујна во ресторанот „Албис” – Гостивар, кој освои два златни медала, за подготвување чорба од риба и за подготвување модерна кујна.

Симоновски, шеф на кујна во „Скара бар”, го освои пехарот за најдобар готвач и доби златни медали за чорба од риба, подготвување национално јадење на модерен начин, традиционална кујна и јадење на скара, Зоран Мајновски, шеф на кујна во „Естел” освои златни медали за фламбирано јадење пред гостин, чорба од риба, подготвување национално јадење на модерен начин и традиционална кујна, Бобан Билбиловски, шеф на кујна во „Електра гарден” – Тетово доби златни медали во категорија подготвување на чорба од риба, подготвување на јадење на скара и традиционална кујна, додека Влатко Ѓјоргиески, шеф на ресторан во хотел „Бетон” Охрид осви злато за чорба од риба, подготвување традиционална кујна и за модерна кујна.

Извонредниот настап на шефовите на кујни од Македонија беше заокружен со подготовка на Македонската вечер, на која готвачите подготвија вечра за сите учесници на шампионатот. Гостите вкусија многу специјалитети: тавче гравче, мусаката со патлиџани, турлитава, тавче ориз, компир печен во фурна, јагнешка чорба, јагнешко и јарешко печено месо, повеќе видови меса и колбси подготвени на традиционален начин, пинџур и ајвари препознатливи во регионот како „македонскиот кавијар”, макало, македонски кашкавал и биено сирење.

Во делот на десертите беа послужени слатко од смокви, кадаиф и раванија. Храната беше надополнета со голем избор македонски вина од визбите Стоби, Далвина, Виналија, како и со струмичка мастика на Грозд Струмица.

Покровител на Македонската вечер беше „ЈУГ“ од Мрзенци, прогласен за најдобар партнерски ресторан на Ниш 2016.

Меѓународниот гастро-туристички шампионат се одржа од 8 до 10 јуни на Нишкиот саем, а го организираше Угостителско туристичкото здружение од Ниш.