Здружението на печатени медиуми (ЗПМ) побара државата да плаќа половина од трошоците за печатење и дистрибуција на печатените медиуми како поддршка за нив. Тие побараа при доделувањето на поддршката да се почитуваат строго утврдени критериуми, а од неа да бидат исклучени печатените весници кои се бесплатни и специјализираните тематски изданија.
Овој предлог беше даден врз основа на дебатата која што денека се водеше за начинот како да им се помогне на печатените медиуми, во организација на Владата.
Министерот Роберт Поповски кажа дека ова е само предлог доставен од Здружението, кој може да биде дополнуван, а при изготвувањето на решението ќе бидат земени во предвид сите мислења.
– Целта на решението за поддршка е да им се помогне на печатените медиуми кои плаќаат највисока цена од развојот на нови медиуми и социјални мрежи. Во никој случај тоа не е начин за влијание и контрола на медиумите, рече Поповски. Додаде дека кај Владата има дилема дали да се поддржи печатен или продаден тираж.
Според Лирим Дулови од ЗПМ доколку се помагаат и бесплатните весници со тоа би се нарушила лојалната конкуренција, бидејќи тие имаат поголем тираж и може да привлечат повеќе реклами.
Антонио Спасев од бесплатниот весник Скопско Ехо смета дека овој предлог е спорен, зашто и тие плаќаат ДДВ на сите печатени примероци. И ние, рече тој, се бориме да опстанеме во овие услови, а некој сака да не добиеме поддршка во таквата борба.
Против тој предлог на ЗПМ се изјасни и Слободанка Јовановска од дневниот Независен весник. Таа кажа дека доколку некој плаќа трошоци за 5 илјади тираж, а некој за 30 илјади тогаш ќе добие поддршка за половина од реалните трошоци и во едниот и во другиот случај. Таа додаде дека доколку е толку лесно да се одржува бесплатен весник, сите нека станат бесплатни.
Според Насер Селмани, претседателот на Здружението на новинари, ова решение за поддршка на печатените медиуми е добро и се темели на европски искуства за што ЗНМ подготвило и анализа. Бидејќи парите се даваат за реални трошоци за печатење и за дистрибуција, рече, поддршката нема да значи влијание на уредувачката политика.
Поддршката за печатените медиуми, беше речено на дебатата, произлегува од препораките на Прибе. Како државна поддршка за печатените медиуми би се издвојувале околу милион евра годишно.
Во Буџетот за 2018 година, како што информира Поповски, не е предвидена ваква ставка, но тоа би можело да се изнајдат со евентуален ребаланс на Буџетот кој би се правел наредната година.
Во Здружението на печатени медиуми членуваат Слободен печат, Вечер, Коха, Нова Македонија, Фокус, Шења, Лајм, Капитал, Прилепски зенит и Штипски клас и Битолски весник.
