Државната видео лотарија на пазарот на игри на среќа има вклучено околу 1300 автомати, т.н. ВЛТ апарати од кои остварува значителни добивки. Меѓутоа, за разлика од казината, за овие апарати на државниот монопол, наместо да плаќаат 23% давачка спрема државниот буџет од разликата меѓу вкупната исплата и уплата, единствено плаќаат по 30 евра од апарат.
Со ова решение се прави огромна штета на државната каса и наместо овие средства да се насочат спрема граѓаните, остануваат како профити кои ги контролира државната видео лотарија, за кои не е познато како и каде се трошат. Во овој субјект, приватно сопствеништво има значителен удел од 49%, но видео лотаријата го носи предзнакот „државна“.
Од друга страна, кај сите останати приредувачи УЈП има директен увид во сите уплати и исплати кои поминуваат низ уплатните места или казината преку контролниот електронски систем наречен НИС (надзорен информациски систем), додека оваа обврска за државната видео лотарија не важи! Нивните приходи, односно уплати и исплати и понатаму остануваат неконтролирани и надвор не само од очите на јавноста, која го има правото да знае како се располага со државните ресурси, туку и од надлежните институции, како УЈП и Министерството за финансии.
Овој „пропуст“ секако дека беше намерен од претходната власт, кога се спомнуваше еден функционер кој го контролираше профитот. Доколку Министерството за финансии прави законски измени тогаш е должно да реагира и да ја заштити државната каса, во спротивно само ќе се појави сомнеж дека повторно некој сака да профитира.
