Месното население во Тимјаник, една недела подоцна откако предизвика голем револт кај јавноста бидејќи протестира против отворањето мал групен дом за згрижување деца со пречки во развојот, според надлежните, има поинаков став по преземените мерки за едукација и секојдневна комуникација со претставници од Општина Неготино и во соработка со Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, иако на протестите најави дека по една недела, повторно ќе го посети Тимјаник, поради други обврски, ја одложила посетата за идната недела. Од Министерството ни рекоа дека во меѓувреме отпорот на населението се намалил и се надеваат дека до конечната преселба на дечињата во домот сите проблеми ќе бидат надминати.
„Во соработка со надлежните од Општината преземавме мерки за поголема информираност на населението, кое се противеше на одлуката домот да биде направен во објектот до училиштето. Не отстапивме од одлуката и веруваме дека реакцијата на населението беше можеби поради нивната неинформираност“, ни рекоа од Министерството за труд и социјална политика.
Претседателот на Советот на Општина Неготино, Диме Витанов, ни рече дека во интензивни и секојдневни разговори со населението добиле впечаток дека реакциите и протестот на населението во Тимјаник било предизвикано од недоволна информираност на населението и дека тие делумно се чувствуваат одговорни за тоа.
„Посветивме многу време во разговори со населението. Тие не знаеле точно за што станува збор и мислам дека кога ја разјаснивме одлуката на Министерството и намерата за згрижување на овие дечиња во мал групен дом, атмосферата се смени. Тие не се чувствуваат загрозени од оваа одлука и мислем дека набргу ќе биде сè во ред и дечињата ќе бидат сместени каде што беше предвидено и ќе бидат прифатени од населението“, ни рече Витанов.
Пред една недела стотина жители на селото Тимјаник порачаа: „Сакаме градинка, а не дом за деца со попреченост“.
Тие на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која со претставници на Делегацијата на ЕУ и со претставници на УНИЦЕФ и УНДП го посети отворениот нов групен дом во Неготино, ѝ порачаа дека не се против децата со попреченост, но дека нема да дозволат на оваа локација да се гради дом.
Жителите на селото што се противеа на ваквата одлука сметаа дека тоа претставува закана за иднината на нивните деца.
Групниот дом за деца со попреченост треба да се отвори во просториите на старата амбуланта во центарот на Тимјаник, каде што ќе бидат префрлени деца од Специјалниот завод од Демир Капија.
Ана Василева
