Жителите на село Пчиња бараат водоводна и канализациска мрежа

Од:

Жителите на село Пчиња денеска протестираа и го блокираа локалниот пат Куманово-Пчиња, барајќи од градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски да го потпише проектот за изградба на водоводна и канализациска мрежа и да го испрати до Министерството за транспорт и врски, за да може да  почне неговата реализација.
За време на протестот жителите на село Пчиња не ги пропуштаа камионите за смет на ЈП „Чистота и зеленило“ до депонијата Краста истакнувајќи дека нема да отстапат од протестот и да ги пропуштаат камионите се додека не се реши проблемот.
Претседателот на месната заедница Пчиња Дејан Трендевски, рече дека бараат проектот што сами го направиле само да го потпише и да го достави до Министертвото за транспорт и врски, за да се реши проблемот со водата за пиење во пчињскиот регион.
– Доколку го достави проектот до Министертвото, општината Куманово има милион и двесте ијлади евра, наменети за водовод и канализација. Ќе се реализира сигурно, бидејќи добивме ветување од страна на Владата и од Министерството за транспорт и врски, истакна Трендевски, потенцирајќи дека проектот е уредно доствен до општината и за него  се обезбедени средства, коишто мора да се искористат до крајот на годината.
Жителите на Пчиња, бараат градоначалникот да го испочитува и потпишаниот меморандум за соработка, потпишан пред седум години, кога протестираа 45 дена и го блокираа истиот патен правец, како и отварање на нов влез на депонијата Краста. Според нив, поради немањето водовод тие си го загрозуваат здравјето пиејќи вода од сопствени извори.
Градоначалникот на Куманово Дамјановски, денеска изјави дека депонијата Краста ќе се затвори во 2020 година согласно потпишаниот Меморандум со Министертвото за животна средина и просторно планирање за изработка на регионален план за управување со отпад. Тој го повика началникот на СВР да реагира веднаш бидејќи, како што рече, со блокадата на јавен објект како што е депонијата се загрозува здравјето на 100.000 жители.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Сашо Петрушевски изјави дека добро менаџираат со депонијата и за  тоа пред две недели добиле позитивна оценка при контролите на Министерството за животна средина и просторно планирање. Според него ако не се одблокира пристапот кон депонијата, тогаш ќе бараат други алтернативни начини за депонирање на смет, кои ќе чинат дополнителни средства.