Ленче Јованова, кустос советник во Музеј на Град Скопје и долгогодишен член на Македонското археолошко друштво е жената беше прегазена од багер на улицата „Јордан Мијалков“ во Скопје.
„Со големо неверување ја примивме веста дека нашата колешка Ленче Јованова во текот на вчерашниот ден во немил настан на 66 годишна возраст го загуби својот живот.
Ленче Јованова беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музеј на град Скопје. Таа остави длабок и неизбришлив траг во македонската археологија истражувајќи ги културните хоризонти на античкиот град Скупи. Нејзиниот интерес беше насочен кон проучување на римската материјална култура. Автор е на бројни изложби, каталози, статии, студии, а особено се значајни монографиските изданија Скупи – Colonia Flavia Scupinorum; Скупи – некрополи : стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва; Скупи: сектор југоисточен бедем и комплекс терма – базилика со атриум.
Ленче Јованова засекогаш ќе остане во нашите сеќавања како врвен и искусен професионалец кој со огромна посветеност го промовираше македонското културно наследство во земјава и светот“, се простија од Македонското археолошко научно друштво во статус на Фејсбук.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против осомничениот 42-годишник од Скопје, кој на 1 јули, на улицата “Јордан Мијалков“ во Скопје, управувал мобилна машина „Лиебхерр“ без да се придржува кон прописите на јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Тој доби забрана за напуштање на домот и му беше одземен пасошот.
„За да го обезбеди присуството на осомничениот и непреченото водење на постапката јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола, како и привремена забрана да презема определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“, соопштија од Обвинителството.