Здруженијата на граѓани реагираат по вчерашната сторија за седумдесетгодишната Македонка Зафирова од Велес која добила телесни повреди и тешка психичка траума, кога се спроведувала постапка на извршување за одземање на нејзиниот стан.
Тие итно бараат официјален став од МВР за извршувањето, а од КИРМ бараат да се испита постапката на изврпување во конкеретниов случај, во кој има многу спорни моменти, и ако има прекршување на законот од страна на извршителот да се покрене дисциплинска постапка.
„Згрозени сме од начинот на кој се реализирала извршната постапка“, се вели во реакцијата на граѓанските здруженија „Човекот над профитот“, „Но пасаран“ и „КСОМ“.
Во сторијата што вчера ја објави „Макфакс“, Зафирова раскажа дека телесните повреди и биле нанесени од еден од четворицата полицајци, при што била туркана, влечена по земја со навреди, и принудена да замине од станот. Таа, понатаму изјавува дека за извршувањето не била известена и дознала од соседите.
