Со два културни настана во галеријата и салата на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци синоќа заврши манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2016“.
Присутните имаа можност да ја видат изложбата на уметничка фотографија на Димитар Чунговски, насловена „Два света“. Уживаа и во целовечерниот концерт „Златко Јованов (труба) и пријателите“, со што овој кавадарчанец ја одбележа педагошката дејност и неговата работа со млади таленти трубачи од Кавадарци.
– Оваа година манифестацијата донесе над 70 настани од културата и тоа изложби, концерти, промоции, предавања и слично, на што можат да ни позавидат многу други општини, рече Владимир Темков, директор на културниот дом.
Тој нагласи дека со завршувањето на културната есен, не завршуваат настаните од културата во Кавадарци. Напротив, тие продолжуваат со несмалено темпо и во наредниот период. Она што следува се новогодишни претстави за најмладите и повеќе концерти.