Заврши конзервацијата на покривот на манастирот во Вељуса

Од:

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Струмица ги завршија конзерваторските работи на покривната конструкција на манастирот „Пресвета Богородица Милостива” во струмичкото село Велјуса, проект одобрен преку програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.

Проектот, како што информираат од Министерството, опфаќа конзерваторски интервенции и обнова на покривната конструкција на објектот, кој по своето архитектонско решение е единствена градба од 11 век се зачува изворниот изглед на манастирот кој е бисер на средновековните споменици во Македонија.

– Манастирот е вреднуван како еден од најмаркантните културно-историски споменици на почвата на Македонија. Се карактеризира со раскошноста на фрескоживописот на којшто се појавуваат голем број иконографски новитети – дело на непознати и мошне талентирани сликари. Во архитектурата се забележуваат елементи на поврзаност со архитектурните традиции од времето на св. Климент и св. Наум Охридски. Црквата е значајна по својата изворно зачувана архитектура, живопис, мозаичен под и мермерен иконостас, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Во манастирот „Пресвета Богородица Милостива” се одвивала значајна творечка, препишувачка и преведувачка активност. За одбележување е некогашното богатство на колекцијата од икони со сребрени и позлатени опкови и со богата орнаментика.

Манастирската црква до денес е активна и од 1996 година функционира како женски манастир во којшто се негуваат истите монашки вредности воспоставени уште во периодот на раното христијанство.