Јавното комунално претпријатие од Гевгелија денеска почна со прокопување на заштитен појас околу депонијата кај Негорци. Со помош на вработени од ТППЕ Гевгелија, комуналците копаат канал околу депонијата, а истовремено вршат расчистување и складирање на комуналниот отпад со цел да обезбедат услови за негово понатамошно нормално депонирање.
– Пролетва организиравме една акција за чистење на дивите депонии во која беше вклучена и механизација од градежните фирми. Овој пат се зафативме со обезбедување заштитен појас и средување на депонијата над Негорци, која претставува потенцијална опасност од потпалување и загрозување на околината. Апелирам во акцијата да се вклучат и граѓаните бидејќи некои од нив со неконтролирано фрлање отпад на оваа депонија и на други локации во населените места повторно предизвикуваат проблеми, рече градоначалникот Сашо Поцков.
Тој нагласи дека побарал поголема ангажираност и присуство на теренот од страна на општинската комунална инспекција како и преземање соодветни мерки затоа што ваквите и слични акции ќе бидат безсмислени без поддршка од граѓаните.