Уште сто нови рози, денеска, беа засадени во Паркот на лајонизмот во Скопје во рамки на традиционалната манифестација по повод празникот Цветници.
Еколошката акција е организирана од членовите на Лајонс клуб „Вардар“ и лео клубот „Аксиос“, заедно со други клубови од Дистрикт 132.
„Во урбана средина, розите ја оплеменуваат околината и се убави за око. Исто така, имаат својство да ги впиваат издувните гасови од автомобилите, особено оловото. Ова им дава посебно место во изборот за еколошко цвеќе, погодно за нашиот град. Лајонс клуб Вардар, преку оваа традиционална акција, придонесува кон подобра животна средина. Досега се посадени околу 500 садници во Паркот на Лајонизмот, каде под наше покровителство се донираа клупи, маси и патека за движење. Од сето ова, студентите и вработените во кампусот на технички-технолошките факултети, како и граѓаните, имаат бенефит и може да ги користат позитивните ефекти на акцијата“, рече Илијана Муратовска, претседател на Лајонс клуб „Вардар“ по завршување на манифестацијата.
Целта на еколошката акција е да се подигне свеста за екологијата и разубавување на просторот. Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет во Скопје, како и досега, редовно се грижат за одржување на розите.
„Акциите на Лајонс клубовите се место за заедничко учество и помагање кон сите социјално ранливи категории во општеството, со што ја реализираме мисијата СЛУЖИМЕ. Под ова главно мото се наоѓа целокупната мисија на организацијата, координацијата, промоцијата и преземањето активности од јавен интерес, со осврт кон добротворни акции каде што е најпотребно“, додава Муратовска.
