Во салата на Домот на културата во Валандово започнаа да пристигнуваат делегатите на 16тиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Во тек е регистрацијата на делегатите, а веќе пристигна и единствениот кандидат за иден претседател на партијата Христијан Мицкоски.

Досега во салата пристигнаа дел од видните функционери на партијата, Диме Спасов, Коце Трајановски, Спиро Ристовски, Даниела Рангелова, Миле Јанакиески, Елизабета Канческа Милевска, Емил Димитриев. Помеѓу присутните засега не може да се забележат функционерите и членовите на партијата кои се потписници на писмото со кое што се бараше поголема демократизација и одложување на Конгресот.

ВМРО-ДПМНЕ денеска и утре го одржуваат 16-тиот вонреден партиски конгрес во Валандово. Станува збор за вонреден конгрес на кој ќе се бира лидер на партијата, по оставката која што ја поднесе долгогодишниот претседател на партијата Никола Груевски. Од 17 часот до 19 часот ќе се изврши регистрација на делегати. Додека од 19 часот ќе започне Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, при што ќе бидат избрани работните тела, потоа ќе следува интерна дискусија на која што секој делегат може да се пријави, да даде свое согледување за темите за коишто ќе се дебатира. Она што ќе е најинтересно за јавноста ќе се случува утре кога треба да биде избран новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно во текот на денот, Антонио Милошоски и Илија Димовски овој Конгрес го оценија како недемократски и најавија дека нема да учествуваат на истиот. Тие двајца се и дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои испратија отворено писмо до партијата за одложување на Конгресот и зголемување на бројот на делегатите.
К.О.
