Деновиве започна комплетна реконструкција на детскиот оддел во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп. Со оваа најнова инвестиција комплетно ќе се промени осветлувањето во овој простор, ќе се замени подот, ќе се уредат ѕидовите и ќе се создадат услови за подобар престој на децата.
„Создаваме еден подобар простор за децата така што тие кога ќе дојдат во библиотеката ќе имаат можност да останат тука подолго време, да се дружат помеѓу себе и да поминат повеќе време со книгите. Со овие средства од локалната самоуправа се заокружува процесот на реновирање на градската библиотека“, вели Петар Петрески, директор на градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп.
Со оваа најнова инвестиција библиотеката добива уште еден современ простор и катче кое ќе биде од голема корист за најмладите.
„Ова е само еден од големиот број на проекти кои се реализираа во библиотеката со средства од локалната самоуправа. Претходно ја уредивме читалната со ботаничка градина, за подобар престој на читателите. Исто така за читалната се набавија и нови компјутери. Се изгради и еден современ мултимедијален центар кој се користи за повеќе намени, одржување на повеќе културни манифестации и разни промоции. Се набавија и нови книги, како од странски така и од домашни автори, со што значително се зголеми библиотечниот фонд. Со сите овие инвестиции градската библиотека во Прилеп станува една од најмодерните и најдостапни библиотеки во Македонија“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Досега локалната самоуправа за модернизирање и подобрување на условите во библиотеката има вложено над 150.000 евра.