На седницата на Владата вечерва поминал Предлог-законот за употребата на албанскиот јазик. Во одобрената верзија се предвидува двојазичност на униформите на полицијата, пожарникарите и здравствените работници во општините со најмалку 20 отсто Албанци, како и во Градот Скопје.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Стевананџија, на својот Фејсбук профил напиша:
„Најавен под градскиот часовник во Прилеп, напишан во Тирана, изгласан во Скопје вечерва на Влада! Нова историја, нов јазик и нов живот!
Со предлог-закон за јазикот се предвидува: „Униформите на полицијата, пожарникарите, во здравството во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.“
За двојазичност на униформите на Армијата ќе се бара мислење од Венецијанската комисија. Исто така, законот предвидува парите и поштенските маркички да содржат симболи значајни за Македонците и за Албанците.
Со предлог-закон за јазикот се предвидува: „Книжните и кованите пари како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.“
Ова значи дека не се предвидува албанскиот да се користи и на парите, туку само на нив да се аплицирани елементи значајни за Албанците.