Парламентарните партии во Македонија се договорија локалните избори да се одржат на 15 октомври, а досега не гледам никакви причини за нивно одложување, изјави во Охрид премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Постапките за избори партиите ги започнаа порано, затоа што имаше други датуми за дефинирање на кандидатите за градоначалници, кои потоа беа прекинати поради развлекувањето на изборот на Влада и формирањето на парламентарното мнозинство. Јас мислам дека утре претседателот на Собранието ќе донесе решение за распишување на локалните избори коишто согласно законот е дефинирано да бидат распишани од 70 до 90 дена до денот на нивно одржување, рече Заев.
Запрашан со кој кандидат СДСМ ќе оди на локалните избори во Охрид, Заев истакна дека за тоа ќе одлучат анкетите. „Да ги видиме најдобрите кандидати, не за Заев. Спасовски, Шекеринска, туку за граѓаните, да видиме кој кандидати тие ги сакаат за татко или мајка на градот“, рече Заев.