Заев на средба со поранешната премиерка на Словенија Братушек: Словенија останува наш посветен пријател

Од:

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска ја прими во посета поранешната премиерка на Република Словенија, Аленка Братушек, која беше придружувана од амбасадорот на Република Словенија во Македонија д-р Милан Јазбец.

Премиерот Заев посакувајќи ѝ добредојде на поранешната премиерка на Словенија Братушек, ги истакна исклучително високите пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Словенија кои во изминатиот период, за неполна година, добија на посебен интензитет во еден особено значаен момент кога се решаваше политичката криза во земјата и кога беа направени пресудните чекори во процесот за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО.

Премиерот Заев информираше на средбата за актуелниот политички момент и за претстојните политички процеси, со посебен осврт на претстојното организирање на референдумот .

Поранешната премиерка на Словенија Аленка Братушек пренесе поздрави од Миро Церар, досегашниот премиер на земјата во период кога Словенија сè уште избира влада, и нагласи дека оваа земја целосно ги поддржува и останува силен застапник на аспирациите на Република Македонија во евро-атлантските процеси.

Премиерот Заев изрази искрена благодарност за оваа поддршка и ја оцени како потврда на пријателските односи меѓу двете земји посетата на Братушек за време на деновите кога Република Македонија го слави најзначајниот државен празник – Денот на Републиката, 2 Август, Илинден, и изрази задоволство што екс премиерката Аленка Братушек ќе присуствува на свеченоста по повод празникот во Пелинце каде што свое обраќање ќе има премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија се заблагодари и на подготвеноста Словенија да го помогне со совети претстојниот скрининг процес на нашата земја во пресрет на преговорите со ЕУ, и изрази уверување дека односите меѓу двете земји и натаму ќе ја одржуваат линија на пријателство и соработка, особено во економијата.