Премиерот Зоран Заев по денешната лидерска средба, изјави дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски лаже кога тврдел оти му биле важни техничката влада во пржинскиот модел и изборот на ДИК со двотретинско мнозинство.
– Христијан Мицкоски лаже дека сака Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ, лаже дека сака правна држава, лаже дека се бори за чесен референдум. Мицкоски се обиде да ги прикрие вистинските намери и откако виде дека не постои шанса да разговараме за директна или индиректна амнестија, денес беше принуден да се откаже од неговата крајна цел да издејствува спас за неговите ментори и колеги, рече Заев.
Премиерот додаде дека единствената цел на Мицкоски била дека ако нема амнестија дека нема да има никаков договор.
– Мицкоски денес доби избор на ДИК по услови кои тој ги бараше. Доби закон за финансирање на партии со негови предлози вклучен во текстот на законот. Доби и техничка влада по пржинскиот модел пред сите избори. Сето ова го добиваше во пакет со единствениот услов – да ги повика гласачите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на престојните референум и да гласат по сопствено убедување, рече Заев.
Тој додаде оти целта на Мицкоски била Македонија да не успее.
– Мицкоски вели граѓаните се со него, а не сака чесно да им даде избор. Мицкоски вели сака во ЕУ и НАТО, а не сака да поддржи ниту еден чекор кон таа цел. Мицкоски не знае што сака, рече Заев.
Галена Николовска – Ризвановиќ