Заев, мангупот од нашите редови?!

Од:

Какви се капацитетите на, условно кажано, демократските и либералните медиуми и граѓанскиот сектор во Македонија, за да ја сензибилизираат и мотивират јавноста на акција? Големи, речиси пресудни, за секоја граѓанска иницијатива и активност јавно да се артикулира. Тоа најдобро го почувствуваа на своја кожа членовите на ДИК, кога Амбасадорот на САД обзнани за нивниот неетичен потег, а невладиниот сектор и медиумите испорачаа вистинска канонада од критики, кои на моменти наликуваа и на хистерија и хајка. Тој притисок траеше сѐ додека не ги вратија парите и поднесоа оставки. Уште посвеж пример за моќта на граѓанскиот сектор и медиумите беше именувањето на Командатот Хоџа за советник за внатрешна безбедност на премиерот Зоран Заев. Токму овој неформален сојуз на борци против забеганата власт на Груевски изврши неподнослива пресија врз премиерот Заев за да се откаже од непромислената идеја.

Деновиве во државава нѝ се случуваат скандали со распределбата на средствата од Фондот за иноваци и тендерот за набавка на реагенси, според финансиките и етичките димензии, многу поголеми и од одлуката на членовите на ДИК и од именувањето на Командат Хоџа, а во јавноста речиси и да нема реакција; или таа е блага и незабележителна за да би преставувала учинковита кампања која би мобилизирала, вршела притисок и би ја принудила Владата на отстапка. Уште да не се „озлогласените“ Курир и Република да ја држат темата во живот, сѐ би потонало во заборав. Ебати дојдениот живот ако за неправилностите во работењето на оваа влада треба да се информираш од Курир и Република.

Граѓанските активисти кои се (само)прогласуваа за корективи и критичари на оваа влада и најавуваа дека ќе бидат немилосрдни во кртиките доколку забега и се обиде да работи како Фамилијата, деновиве се во целосен молк. Или, уште полошо од молкот – наместо остра реакција, имаме фасцинација од „заразната насмевка која не успева никој да му ја симне од лицето“, до ниво на одвратно полтронство за „еден човек, добричина, тој чуден ентузијаст кој граби со невиден оптимизам“. Не, не се ова блуткавици напишани пред 5-6 години во куртон медиумите за пастир Никола, туку свеж текст од пред 5-6 дена посветен на Зоран Заев. Да, од пред неколку дена, во екот на скандалот со криминалната распределба на буџетските пари, за кој, по хиерархиска одговорност, вина има и премиерот.

Медиумите и невладиниот сектор треба јасно и гласно да кажат: премиерот Зоран Заев и Владата грешат. И многу повеќе од тоа – во некои делови тие неодговорно работат во однос на довербата која им ја даде демократската јавност. И најпоразително за нив (ако воопшто ги погаѓа?!) – се повеќе наликуваат на времето од приказните за Груевски и 40-те разбојници.

Со последната одлука за распределувње на средства за иновации фатени се, не со прстот, туку со раката во медот. Или посензуално кажано: Кочо Анѓушев, Хари Локвенец, Венко Филипче, Горан Тодоров, Бранко Героски, сите добитници на државни средства, ги доживувам како мачор што јаде маст и самозадоволно и себично си ја оближува устата со јазикот додека фиксирано ве гледа во очи.

И патарините на Бонева беа законски

Иако фрустрираноста на јавноста од оваа постапка на Владата не може да се препознае преку активизмот на „замолкнатите“ медиуми и „провладините“ невладини организации, таа е огромна. Многу поголема од времето кога вакви криминогени афери приредуваше Фамилијата. И тоа е разбирливо бидејќи Заев и СДСМ ја добија довербата на бранот промени дека се поразлични и дека чесно ќе работат. Од Груевски тоа не се очекуваше, па и се подразбираше тендерите да им се наместени, а народните пари да си ги троши Фамилијата како да им се дедовина. Тоа на Анѓушев и на останатите од власта треба да им биде јасно. На така сензибилизираната јавност од злоупотребата на буџетските пари во минатото, сега и при најсовршено регуларен грант или тендер ќе ѝ боде очи ако средствата му се доделени на субјект кој и по најмал основ има релации со некој претставник на власт. Затоа и Вицепремиерот не треба така недоветно да изјавува „ако сум влегол во владата не значи дека моите фирми не треба да работат“. Да, токму тоа значи – бидејќи Македонија не е скандинавска држава, било какви финансиски аранжмани со Владата, колку и да се согласно законот, тие секогаш ќе паднат на испитот по етичност. Изгорени од Груевски, тука е нулта толеранцијата на граѓаните. И со тоа и тој и сите кои се дел од власта требале да расчистат кога ја прифатиле понудата да партиципираат во политиката. Свесно го жртвуваат сопствениот бизнис и добивка, за да придонесат за повисоки општествени интереси и бенифити. Ако не биле подготвени на тоа, пофер било да го одбијат понудениот државен ангажман.

Инаку, гледано од строго формална страна, и патарините на Бонева, и печатењето на книгите, се согласно законските прописи; но, што е со етиката и судирот на интереси? Како што објавија и сопствениците на весникот Слободен печат и средствата во висина од 160.000 евра, кои на нив им се доделени, се со целосно испочитувана законска процедура. Нормално, а како поинаку? Зарем некој ќе се обиде да им додели буџетски пари спротивно на законот и дали тие би прифатиле такви пари? Но, здраворазумско прашање е зошто на приватна компанија која се занимава со издаваштво и медиуми државата би ѝ партиципирала со една третина финансиски средства за таа да си изгради печатница? За оној кој се занимава со издаваштво, печатницата е едно од основните средства за работа, и секој кој сака да се бави со овој тип на приватен бизнис самиот треба да си ги обезбеди условите и средствата за работа. И, што е тука иновативно и општествено релевантно за владата да го поддржи? Па, барем кредит да беше, а не неповратен грант.

Дополнително револт кај јавноста предизвикува и сознанието дека главниот уредник на овој дневен весник, порано како главен уредник на друг дневен весник, имал земено буџетски пари за објавување реклами на тогашната влада. Погодувате, станува збор за владата на која премиер беше Никола Груевски. Иако парите немаат боја, во случајов тие еднаш беа црвено-црни, а другиот пат се сино-жолти. Покоен Николче Младенов (лесна му земја!) за доделувањето буџетски пари на медиумите јасно напиша дека тоа е суптилна корупција на владата со медиумите за да ја купи нивната лојалност и од тие причини Фокус ниту земал ниту ќе земе во иднина такви валкани пари. Објаснувањата на сопствениците на Слободен печат дека добиениот владин грант немало да влијае на уредувачката политика на весникот, веднаш падна на првиот тест: за овој голем скандал на владата со доделените средства нема ниту еден критички текст, за разлика од други, многу потривијални ситуации, кога реагираа уредниците.

Јави се Заев!

Овој Фонд за иновации, со вака неинвентивно трошење на пари од граѓаните, најдобро е да се укине. Замислете што сѐ можеше да се направи со 160.000 евра. Прошетајте по амбулантите и болниците и измерете ја внатрешната температура во која работат лекарите и лежат болните во овие летни горештини. Со 160.000 евра ќе можеа да се купат најмалку 350 клима уреди и тој проблем на ниво на целата држава во голем дел или целосно да се реши. Или влезете во тоалетите во здравствените или правосудните установи. Со овие средства би се реновирале барем 160 тоалети. Што е поприоритетно за граѓаните – печатница за Слободен печат или достоинствени здравствени услови?

Каде е во целиот овој скандал премиерот Зоран Заев? За цело време го нема да излезе во јавност со свој став. По принципот „ја нисам одавде“, и „секое чудо за два дена“ се надева дека сѐ ќе се стиши. Напротив, грутката станува лавина. И тој и неговиот кабинет за некој ден ќе бидат доведени до ѕид на срамот, па ќе мораат да изберат една од двете можности: или упорно да ја бранат исправноста на одлуката за доделените грантови и тендер или да ја признаат грешката и да ги поништат своите одлуки. Меѓутоа, признавањето грешка овој пат би морало по прв пат да претставува и македонски преседан и да носи одговорност. Ако се признае дека доделените средства претсавуваат конфликт на интереси или се етички неприфатливи или се наместени, тогаш Анѓушев, Локвенец, Филипче ќе мораат да си поднесат и оставка. Тоа ќе биде исполнување на ултимативниот преседан, кој ќе воспостави стандард и за идните влади дека грешката носи и одговорност. Прв пат најмногу боли, но еднаш мора да се симне „мракот“ за вистински да дојде живот.

Доколку до тоа не дојде, тогаш мачорот кој сега не гледа и самозадоволно си ги оближува мустаќите со маст, треба да знае дека „оној мачор кој јал маст, јал и стап“. Референдумот и изборите се ближат. Тик-так-тик-так…така им одбројувавме на Груевски и Фамилијата, кога ги слушавме бомбите. Во владата на Заев бомби (сѐ уште) нема, но скандалите се редат.

Д-р Ненад Живановски