Заев до Бален: Во скоро време очекуваме датум за почеток на преговорите со ЕУ

Од:

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со европратеникот Ханс ван Бален, претседател на Алијансата на либерали и демократи во Европа (АЛДЕ), кој посочил дека новата Влада во Македонија ја има поддршката од либералите и демократите во Европа, како и од демократскиот свет, во реформскиот процес којшто ги отвора евро-атлантските перспективи на Република Македонија.

– Комплетно сме фокусирани на реформите на коишто сериозно се обврзавме со рокови во Планот 3-6-9, за да обезбедиме квалитетен живот на граѓаните на Македонија како и реализација на стратешките цели на државата, интеграција во ЕУ и во НАТО. На тој пат во скоро време ги очекуваме првите добри вести, да се тргне условената препорака, а потоа Република Македонија да добие и датум за почеток на преговорите со ЕУ. Паралелно Владата работи на исполнување на ветувањата пред граѓаните за подобар животен стандард, како што е денеска објавената мерка за повторно воведување на дневната евтина тарифа на струјата, што ќе значи повеќе пари во семејните буџети, рече премиерот Заев.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, европратеникот ван Бален ги поздравил внимателното завршување на политичката криза, како и инклузивните политики на новата Влада, преку коишто се дава можност на сите граѓани, граѓански организации, политички партии кои сакаат да помогнат во обновата на Македонија, да се вклучат во важниот реформски процес што е во тек.