Околу 35,3 отсто од жените во Македонија се вработени, 31,1 отсто бараат работа. Во ЕУ 59 отсто од жените се вработени. За да има што повеќе жени на пазарот на трудот потребно е да се направи баланс меѓу професионалниот и приватниот живот на жените, поддршка од семејството, работодавачите и државата.
Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените денеска орагнизираше јавна расправа на која за Европската стратегија за економско јакнење на ѓените 2020.
Претседателката на Комисијата Лилјана Поповска изнесувајќи ги податоците за состојбата во Македонија и Европа, истакна дека за економско јакнење на жените потребно е државата да изготви низа програми и мерки, работадавачите да овозможат флексибилно работно време. Поповска признава дека всушност најдоцна почнало да се работи на економското јакнење на жените во земјата.
Искуствата што ги пренесоа жени кои биле на менаџерски позиции, но и во улога на мајки се дека најголем проблем е грижата за децата. Тие се соочиле со проблем кој ќе ги чува децата додека се на работа имајќи предвид дека градинките не работат подоцна. Укажаа дека има работни места кои имаат потреба и од втора смена и дека во тој случај родителите нема каде да ги остават децата.
Антоанета Кирова Веселиновска, од Офисе плус, пренесувајќи го своето искуство рече дека нивната компанија има намера да опреми две простории каде што ќе бидат згрижени децата на вработените.
Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби истакна дека меѓу мерките за економски развој на жените може да бидат флексибилно работно време.
– Флексибилно работно време кое би се однесувало на двата пола. За оние жени кои сакаат да се посветат на кариерата можеби нивниот сопруг ќе сака повеќе да се посветат на семејството, рече Димитриевска.
Во однос на почетокот на работното време повеќе менаџерки но и други вработени жени сакале да отпочнат иницијатива тоа да започнува порано за тие да можат да стасаат да си ги земат своите деца од училиште или од градинка и да имаат повеќе време за семејството. Таа посочи, меѓу другото, и на потребата од промена на работното време на градинките и од сервиси за чување деца.
ЕУ бара од компаниите да се обврзат дека до 2020 година бројот на вработени жени во нивните организации ќе изнесува 40 отсто. Промените, велат експертите одат многу бавно.
Комисијата за еднакви можности межу мажите и жените ќе им предложи на министерствата за труд и социјални работи и за економија и на други државни институции да применат дел од предложените насоки преку закони и мерки, кои, ќе бидат во насока на економско јакнење на жените, вклучувајќи и можност за постигнување рамнотежа межу приватниот и професионалниот живот на жените. Овие мерки, како што истакна претседателката на Комисијата, се компатибилни со заложбите за изработка на одржлива популациона политика во Република Македонија.
Се поттикуваат невладиниот сектор, бизнис секторот или експертите да ги промовираат и да ги применат заложните од стратегијата 2020 низ соработка со Собранието, Владата и други институции на државно и национално ниво.