За нив не сме ни племе, туку стадо

Од:

По изнаоѓање компромис со Грција, кој би требал да ги отвори евроатлантските перспективи на Македонија, едно реторичко прашање до најголемите Македонци-еврофанатици, живееле тие во Скопје, Брисел или Виена: дали би се осмелиле јавно да излезете и да тврдите дека точно на денешен ден по десет години Македонија ќе биде членка на ЕУ? Значи, не за пет, шест или седум години, туку за десет, односно во далечната 2028 година. Јас тврдам дека нема да биде и сигурен сум ако би се обложиле дека би го добил облогот. Тие би изгубиле, исто како што би изгубиле и ако пред 15 години, во 2003 година, би се обложиле дека за 20 годинини, односно во тогаш недогледната 2023 година Македонија би постанала дел од семејствотот на ЕУ. А, и тогаш, пред 15 години, имало основа за оптимизам, како сега, по договорот со Грција.

Дали денес сѐ уште некој се сеќава на Самитот во Солун, оддржан на 21. јуни 2003 година, кога на земјите од Западен Балкан им беше дадена јасна перспектива дека се идните членки на ЕУ? Дали сѐ уште некој се сеќава и на Пактот за стабилност? На тогашниот Самит во Солун се зборувало и за датум кога ќе се случело големото проширување: прво било предвидено на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, во 2014 година, како симболично потсетување дека токму во регионов почнала Големата војна. Потоа, колективниот прием се пролонгирал за четири години, на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна – а, тоа е 2018 година.

Од Самитот во Солун се случија уште неколку самити за Западен Балкан, последниот беше во мај во Софија, но, за чудо, никој не го поставил прашањето зошто планираното проширување во Солун 2003 не е исполнето ни во 2014., ни во 2018 година. Имајќи го ова искуство зад себе, на 110-годишнината од крајот на Првата светска војна, во 2028 год., пореално е да се очекува да избие нова светска војна отколку Македонија да постане членка на ЕУ.

Од каде тогаш оваа еуфорија кај македонските еврофанатици по промена на името, кога и на нив, веројатно, им е јасно дека во догледна иднина (еуфемизам за никогаш) Македонија нема да биде дел од ЕУ? По последните одлуки на Советот на министрите на ЕУ им станува ли јасно дека тргувањето во кое се вложува нешто (промена на името на државата за надворешна и внатрешна употреба), за да би се добило нешто друго (евроатлански интеграции) е нереален есап? Или, постои ли во државава кост-бенифит анализа која на крајот би покажала дека со промена на името сме во добивка – сигурен влез во НАТО и ЕУ? И што ако завршната сметка покаже дека ќе бидеме во зијан – можеби и ќе се започне со преговори, но без гаранција за прием? А името веќе е сменето и враќање назат нема.

Непристојно барање и производство на согласност

Да појаснам веднаш: јас не спаѓам во онаа група на граѓани кои имаат емотивен или ирационален однос кон името, кои априори се против промена на името, туку сум за изнаоѓање компромис ако тој навистина донесе економски и безбедоносен просперитет за државата. Се водам од народната изрека – викај ме како сакаш, само не крши ме. Со други зборови, каква корист и ако го сочуваме името на државата, но ја загубиме државата. А факт е дека во сегашни околности и тоа како има заинтересирани кои сакаат да го скршат македонското грне. Затоа, убеден сум дека во овие околности нашето грне ќе го зачуваме само ако постанеме членка на НАТО и ЕУ, но, од друга страна, не верувам и дека изнајдениот компромис со Грција нѝ ги гарантира тие членства.

На таков заклучок наведува и само површна анализа на методологијата на владеење и држење во покор на државите во регионот од страна на западните дипломати и ЕУ бироктати, а која е модифицирана варијанта на цезаровата изрека подели и владеј. На државите им се поставуваат невозможни барања, кои го нарушуваат нивниот суверенитет, и од нив се бара да преговараат и изнајдат компромис, иако тоа се прашања за кои ниедна држава со самопочит не би преговарала. Токму тоа му го прави Западот на Западен Балкан последниов четврт век: Македонија да преговара и го смени името на државата, Србија да преговара и се одрекне од својата територија во делот на Косово, од Албанија се бара да ѝ отстапи на Грција 12 милји од своите територијални води во Јонско Море, на чие дно има големи резерви на нафта и гас, а во Босна од ентитетите се бара да се одрекнат од правата кои според Дејтонскиот договор им припаѓаат. И сето тоа да го направат доброволно. Со ваквите непристојни барања за компромис Западот добива пет во едно: 1. Ви дава лажна надеж за членство во ЕУ; 2. Го тргнува Западниот Балкан од дневен ред за подолго време; 3. Не мора јасно да каже дека нема намера да ве прими во својот клуб; 4. За цело време може да владее со регионот; 5. Не ви дозволува да разгледувате алтернативно решение откако ќе ви стане јасно дека неговата понуда е само фиктивна. Народски кажано, позиција угоре високо, удоле длабоко.

Пристапот на Западот во кој ги присилува државите од Западен Балкан да изнаоѓаат компромис за теми за кои не се преговара, во дипломатијата се нарекува „производство на согласност“, за прв пат спомнат од дипломатот, политичар и татко на современиот американски журнализам Волтер Липман. Производство на согласнот значи дека државата (В. Липман зборувал за „збунетото стадо“) се изложува на притисок, закани, нон-пејпери, дипломатско „убедување“ за да попушти и се согласи на испорачаното барање. Кога ќе се случи тоа, тогаш западните дипомати ќе ве убедуваат дека самите сте се решиле за компромис и дека немате право на друг да му се лутите, што формално е точно, но суштински е многу расипан и лицемерен дипломатски манир. Со таквиот пристап покажуваат дека не ве сметаат ниту за племе, туку за стадо и тоа збунето.

Она што го бараат Грција, ЕУ и САД од Македонија е токму тоа – притисок за производство на согласност за промена на уставот, што во меѓудржавни и меѓународни односи и кај асални држави би се толкувало како причина за војна. Значи за едни е компромис за други е касус бели.

Самопонижување и производство на вина

На почетокот на текстов беше спомната Првата Светска војна. На прашањто што довело до неа, многумина ќе одговорат убиството на претстолонаследникот Фердинант во Сараево. Точно, но не и најточно. Војната започнала откако тогашниот српски премиер Никола Пашиќ го одбил ултиматумот на Австроунгарија бидејќи бил спротивен на тогашниот устав на Кралството Србија. Во него се барало од Србија да ѝ дозволила на австроунгарската влада да спроведе истрага и да апси во Србија осомничени за убиството на надвојводата Фердинант. Пашиќ имал две опции: или да го смени уставот под закана од војна и да дозволи туѓа полиција да му приведува српски државјани или да го отфрли ултиматумот. Тој избрал да ја брани честа на државата и народот и по цена на војна, која никој не ја сакал, но некогаш сте принудени на неа во одбрана на суверенитетот. Македонија во својата кратка историја на независност веќе два пати прифатила да го менува уставот под воена закана и политичка уцена – прв пат во 2001, втор пат сега во 2018.

Затоа и е доведена во ваква ситуација каква имаме – да не може ЕУ толку да ве понижи колку што вие можете да прифатите и пак да се наоѓате на почетното место, односно морковот да е еден чекор пред вас – магарето. Знаејќи за нашата упорност во самопонижување, во ЕУ сега ќе отпочнат со реализација на планот Б – минирање за неуспех на референдумот, односно граѓаните да се разочараат и да гласаат против Договорот бидејќи и покрај промена на името не се испорачува ветеното. Кец на десетка за ЕУ за повторно причината за неотпочнување на преговорите во јуни 2019 да нѝ се префрли на нас и на подолг период да нѐ тргнат од видно поле. Оваа шизофрена состојба би можела да се нарече „производство на вина“.

Упорни во самопонижувањето, ние ќе се обидеме и тоа да го надминеме со намалување на цензусот за излезност (најдобро и да нема цензус за сигурно да успее референдумот). Или со трик прашање кое е од манипулативен карактер, како она што пробно се пушта: „Дали сте за Северна Македонија да влезе во сојуз со Северноатлантската алијанса – НАТО и со Европската унија?“. Во што е манипулативноста на прашањето? На референдумот граѓаните треба да се изјаснат за одредена фактичка состојба, а тоа е промена на името во Северна Македонија, а не и за хипотетичка каква е влезот во Североатланската алијанса. Ваквата формулација би имала смисол кога Северна Македонија би дошла на крај од преговорите за прием, и тогаш како последна инстанца граѓаните да се прашаат дали тоа го одобруваат. Во оваа фаза, кога преговорите со ЕУ не се ни почнати, да прашувате дали сте за влез е манипулативен обид со скриена намера да се влијае да се добијат посакувани резултати. На нероден Петко капа му кроите. Исто како да прашувате дали сте согласни Македонија да испрати свој сателит на Марс, а сателит нема. Оттука, референдумското прашање мора да се однесува само на темата промена на име и никакви други стикери не смеат да му се прилепуваат.

Дали секое лошо е за некое добро?

Ако навистина ЕУ и НАТО нѐ сакаа во нивниот клуб првата и последна можност за тоа беше во 2005 година, со отпочнување на прием во НАТО и ЕУ како БЈРМ и третирање на спорот со Грција исто како што се третира сѐ уште отвореното прашање меѓу Хрватска и Словенија. И улогата на Македонија во бомбардирањето на Југославија, денес е целосно заборавена, а тогаш се наведуваше како голем капитал за евроатлански прием. Бевме нарекувни вистински партнер иако формално тоа не бевме.

Јасно е дека во однос на 2005., денешната меѓународна позиција на Македонија е една голема нула, маневарските можности без голема сила на наша страна се никакви и во такви околности оваа реал-политика на Зоран Заев да му се удоволи на посилниот сосед е изнудена, па затоа и поразбирлива од пробаната алтернатива на Никола Груевски – иритација на Грција, зад која се криеа “мижи-бутај“ и “трај-прај“ задоволувања на клептоманските потреби на Фамилијата. Но, нефер е овие изнудени владини потези со Грција еуфорично да се претставуваат како триумф, успех, спас за цивилизираниот Македонец од неговата мизерија и беда. Промената на името е нужно зло и како такво треба да се прифати! Дали злото ќе произведе некое добро ќе покажат годините кои следат. Меѓутоа, токму поради таа неизвеснот, ако се пристапи кон промена на Уставот би требало во Преамбулата да се уфрли и објаснување дека до промена на името доаѓа од желбата на граѓаните за членство во евроатланските организации.

Неисполнување на оваа желба би значело дека имате можност во иднина да ги ресетирате работите на претходното ниво.

Д-р Ненад Живановски