„ЗА“ или „ПРОТИВ“ спогодбата со Грција

Од:

Протести, негодувања, извици за губење на државата и на идентитетот, претставуваа потреба да ја побарам Спогодбата и од гледна точка на граѓанин, но и од професионална гледна точка, да ја разгледам и разработам.

Секако со соодветен заклучок, а тоа е следниот:

Декларацијата за поранешна Југославија на Европскиот совет на ЕЗ (усвоена во Лисабон на 27 јуни 1992 год.), под притисок на Грција, се донесе познатата Лисабонска декларација, а се однесува на признавањето на нашата држава исклучиво со име во кое нема да биде вклучен терминот “Македонија”.

Грција ваквиот цврст став кон нашата земја, покрај другото, го аргументира и со различни тврдења:

– Името Македонија е дел од грчката историја и култура 2.300 години.
– Употребата на името Македонија наведува на територијални претензии против Грција.

Иако несфатливо членка на НАТО да изразува страв од многу помала земја, но Република Грција отворено го проблематизираше дури и опстанок на нашата држава и тоа со јасен став – „Очигледно е дека на долг рок, Скопје е еден економски неодржлив ентитет…“.

Ваквиот јасен став на тогашното политичко раководство на Република Грција, а преку писмо на тогашниот министер за надворешни работи, Андонис Самарас до Европскиот совет, е дека „Во Скопје главните етнички групи, Албанците, Бугарите и Србите, чувствуваат приврзаност со држави преку границата и тие посакуваат да се соединат со нив…“.

По секоја цена да не се спомене името – Македонија, ниту народноста – Македонец, ниту јазикот – македонски, по секоја цена да се негира територијата – Република Македонија.

Спротивно на изнесеното, претставува Спогодбата за решавање на спорот помеѓу Македонија и Грција, позната како Спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите бр. 817 и 845 и двете од 1993 година на Советот за Безбедност на Обединетите Нации.

На тие околности стојат следните аргументи:

1. Ваквата Спогодба е составена на основа одредбите од Повелбата на Обединетите Нации и особено оние одредби кои се однесуваат на обврската на државите во меѓусебните односи, со посебен осврт на точките:

– Воздржување од закана или употреба на сила;
– Потврдувајки ја неповредливост на границите;
– Потврдувајки ја постоечката граница како трајна меѓународна граница;
– Почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на двете страни;
– Ниту една страна нема да дозволи нејзината територија да се користи за дејствија кои би претставувале закана за мирот, стабилноста или безбедноста на другата страна;
– Признавање на идентитетот како „Македонци“;
– Признавање на јазикот како посебен јазик кој се говори на оваа територија, признат во Обединетите нации како јазик „Македонски“.

2. Можеби уште позначајниот момент претставува моментот на регистрирање на Спогодбата во Секретарјатот на Обединетите Нации како гарант за исправност на секоја од одредбите од Спогодбата, но истовремено и како гарант за исполнување на обврските од Спогодбата.

3. Понатамошниот значаен момент, со влегувањето на Спогодбата во сила, е моментот што престанува да важи референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, или во превод Former Yugoslav Republic of Macedonia, со која референца сме официјално забележани во Обединетите Нации и тоа под буквата „F“, а не под буквата „М“ и со која референца всушност и немавме име.

4. Уставните промени се предвидени да се направат исклучиво со еден Амандман и тоа со интервенција исклучиво во делот на името „Република Македонија“, како и одредбите од чл. 3 и чл. 49 од Уставот, па:

– Двете страни прифаќаат името да биде „Република Северна Македонија“;
– Двете страни прифаќаат државјанството да биде „Македонско“;
– Двете страни прифаќаат официјалниот јазик да биде „Македонски јазик“;
– Двете страни прифаќаат кодот на земјата да биде како и досегашниот „МК“ и „МКД“, освен промена на кодот на регистрарските таблички на возилата, додека презентираните одредби од Уставот ја обработуваат материјата за Границите на Државата, за кои двете страни прифаќаат дека се неповредливи и трајни граници помеѓу двете Држави, како и интервенција во делот на немешање во внатрешните работи на ниту една од земјите договорнички, а што од гледна точка на меѓународното право претставува вообичаен начин на договарање при склучување на билатерални договори.

Употребата на името на државата erga omnes или за севкупна употреба, за граѓанинот не може да претставува никакво ограничување во движењето или во изјаснувањето.

Со други зборови, секој граѓанин надвор од државата секако ќе треба да носи со себе важечка патна исправа на која ќе пишува Република Северна Македонија, но никој не може да биде земен на одговорност ако се произнесе дека е од Македонија, тоа не е лажно претставување затоа што претставувањето го дава важечкиот документ – патната исправа.

Во делот пак на државјанството, тоа останува исто – Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

На тој начин, ваквата Спогодба секако е во согласност со Уставот на РМ, но и со Законите кои ја обработуваат материјата за работата на Владата на Република Македонија и Законот за Надворешни работи, а со тоа и дејствијата кои ги превземаат припадниците на Владата, со што потпишувањето на Спогодбата од страна на Министерот за Надворешни Работи на Република Македонија е целосно легитимен процес на потпишување на меѓународен билатерален документ.

Всушност, станува збор само за потпишување, ратификацијата на Спогодбата треба да се случи во Собранието на Република Македонија.

Се плашам дека голем дел од оние кои заговараат било какво негирање или губење на државата и државноста, притоа повикувајки се на историја од пред повеќе од 2.000 години, добар дел од нив, впрочем како и најголем дел од нас, ги знае сопствените претци до 3, 4 или 5 гранка пред себе. Е во такви околности да се повикувате на историја од пред 2.000 години, а да не си ја знаете семејната историја од пред 200-300 години, навистина е безпредметно.

Дотолку повеќе е да се убедуваат други дека на ваков начин ќе се изгубела државата, а немајки ги во предвид сите збиднувања од посочената Декларација од 1992 година која предвиде прием на нашата земја со име во кое нема да биде содржан терминот „Македонија“, без предвиден термин „Македонец“, без признат јазик „Македонски“ е исто така безпредметно.

Сега ја имаме историската, и можеби единствена прилика на меѓународен план дефинитивно, јавно и признато да се декларираме како суверена држава, со безбедносни граници, насловена со географска одредница како МАКЕДОНИЈА, во која живеат луѓе – МАКЕДОНЦИ и во која се говори на официјален признат јазик – МАКЕДОНСКИ, со признатиот меѓународен код кој се користеше и до сега МК и МКД, освен кодот кој ќе биде различен исклучиво на регистрарските таблици.

Имам уште многу аргументи, но нема доволно страници.

Заради изнесеното, заради образложеното, со историјата во срцата, но со погледите кон иднината, и од гледна точка на граѓанин, но и од професионална гледна точка – „ЗА“.

Адвокат – М-р. Стојанче Геровски