Пожарот во атарот на селото Требовље во Македонски брод се смирува, но и понатаму е ризично. Според последните информации од терен, припадници на АРМ заедно со локалното население успеале да го спречат огнот да навлезе во селото, иако на моменти ситуацијата била многу критична и се заканувала да ги зафати и првите куќи.
Околу 60-тина припадници на АРМ кои што се на теренот копаат заштитен појас околу куќите, за да го спречат ширењето на огнените јазици.
Ситуацијата во моментов е посмирена, но опасноста останува. Поради високата шума, извори од теренот велат дека пожарот лесно букнува и се шири, поради што повеќе денови трае битката за негово локализирање.
На терен секодневно се авиони и хеликоптери на АРМ, кои во текот на денот исфрлаат во просек по 190 тони вода.
„Во континуитет откако е побарано од нас, веќе пет дена со два хеликотера ги гаснеме пожарите во текот на денот. Гаснеме само дење бидејќи така налагаат условите, но и согласно капацитетите со кои располагаме“, велат од АРМ.
Ситуацијата од вчера станала критична, бидејќи како што се гаснеле едни жаришта, така во меѓувреме се појавувале нови.
Село Требовље нема многу постојани жители, а во моментов таму има двасетина луѓе кои доброволно се останати за да се борат со пожарот. Жителите на селото велат дека пожарот почнал пред десет дена, но тогаш никој не одговорил на нивното барање за помош.
Според последните информации добиени од РЦУК Македонски брод, пожарот се уште е активен на Лутоец и во правец на местот викано Брдо и Сува Гора и има тенденција на ширење во правец на атарот на селото Здуње и кон селото Требовље во непосредна близина на првите куќи. Во моментов присутните единици на атарот на селото Требовље преземаат мерки а заштита на селото, распоредувајќи се на соодветни локации. Во моментов на терен се ангажирани 80 лица од Дирекцијата за заштита и спасување, 15 лица од месното население, 2 пожарникари и 1 возило од противпожарната од Македонски брод, као и 3 противпожарни возила со по двајца пожарникари од другите територијални противпожарни единици.