Почнува класната борба и грѓаните го креваат гласот против извршителите, беше кажано на првомајскиот протест кој започна пред зградата на МТВ и Основниот суд, а според најавите ќе продолжи кон Собрание, Министерство за правда и ќе заврши пред Владата. На протесниот марш од големи звучници поставени на возило одекнуваат звуци на борбени и револуционерни песни.
Овој протест кој најпрво беше најавен на социјалните мрежи, доби поддршка од Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија, здружението „Гласен текстилец“ и здружението „Но пасаран“.
Ана Глигорова, од организацијата на протестот, изјави дека бараат одблокирање на сметките на преку 50.000 граѓани, вистинско прилагодување на законот на извршителите на потребите на граѓаните и враќање на нотарите и извршителите во рамки на судовите.
Инаку, денеска во главниот град се одржуваат четири паралелни првомајски протести. Покрај протестот за извршители, протестни маршеви организираат и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и партијата „Левица“.
Марјан Ристевски, претседателот на Конфедерацијата на синдикалните организации, рече дека тоа што има четири различни протести е позитивен сигнал бидејќи во иднина е можно обединување на сите организации и здруженија кои бараат права за работниците и граѓаните.
