(ВИДЕО) Ненов: Извршителски кланови ги уништуваат граѓаните, Јавното обвинителство молчи

Од:

Преку лов на корумпирани извршители група граѓани најавија дека ќе дејствуваат против групата од 5-6 извршители што ги гледаат како корумпирани и главната цел им е лично богатење. Тие велат дека многупати го повикале Основното јавно обвинителство да поведе постапка по допрен глас, но тие молчеле. Марјан Ненов од здружението „Но пасаран“ вели дека постојат кланови на извршители кои фамилијарно се поврзани со нотари и со Комората на нотаријатот, кои, како што вели, ги демнат граѓаните.

„Група извршители го кршат Законот за извршувањето и тие се под заштита на Комората на извршителите. Се сомневаме дека нема рамномерното распределување на случаите, каде што како побарувачи се јавуваат комуналните претпријатија. Гледаме дека група од 5-6 привилигирани извршители ги земаат сите предмети, а се здружени со Комората“, вели Марјан Ненов од здружението „Но пасаран“.

Законот за извршувањето, кој носи поволности за доверителите, должниците и за извршителите, а пред сè за ранливите категории граѓани, Ненов го оценува како недоработен, а со тоа барањето извршителите да бидат повторно под ингеренции на судот да се применува.

„Ние го повикуваме Министерството за правда да нè повика на јавна расправа, да ги вклучи граѓанските организации заедно со граѓаните на кои се применуваат овие закони и да дадеме свое мислење за измена на овој закон“, додава Ненов.

Граѓанин кој вчера ја примил пензијата вели дека бил изненаден кога видел дека половина од пензијата му била одземена. Кога отишол во пензискиот фонд, му кажале дека извршителот Зоран Димов, кој патем е претседател на Комората на извршителите, постапувајќи по решение, му ги повлекол средствата од банкарската сметка. За ова тој не бил известен.

„Извршителот полудел начисто. Бев во комората, ме препратија кај него. Сега ќе треба да се извинувам, да молам. Јас сум без половина пензија. Земам 10.700 денари пензија, сега подигнав 5.000 денари. Ова е резултат на тоа што извршителите не знаат што прават. Тие се изгубени до таа мера што се спобудалени. Неук народ, ако можат уште малку да го доцедат, тоа е добро за нив. Состојбата станува страшна, сите се во цајтнот. Тие од нас сакаат да излечат максимум. Новата власт требаше да ја прикочи оваа работа“, вели граѓанин, кој беше на протестот пред Комората на извршителите.

На пример, за неплатена сметка од 5.000 денари, сума што треба да ја плати должникот, некогаш вкупната сума за наплата може да достигне до 17.000 денари, од кои за камати и судски такси одат околу 1.500 денари, за адвокатски и нотарски трошоци од 9.000 до 10.000 денари, а извршителот наплаќа 2.500 денари. Новиот закон сè уште се крои. Сè уште не се познати деталите од содржината, а не се знае ниту кога ќе се стави на гласање пред пратениците. Она што е познато е дека измените се во насока од извршителите да се ослободат најсиромашните граѓани.

К. Ландов