(ВИДЕО) Џафери: Нема да дозволам нов 27. април

Од:

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, по завршувањето на 32. седница на која беше изгласан Законот за употреба на јазиците, изјави дека нема потреба да го коментира однесувањето на поранешниот премиер Никола Груевски, граѓаните сами ќе видат од медиумите и ќе го оценат неговото однесување.

„Кога застанав на оваа функција бев свесен за последиците кои можат да се случат во мојот мандат. Нема да дозволам да се повтори сликата од 27 април. Однесувањето е слика и прилика за оние кои така постапија и истите се уште не можат да сфатат дека се во опозиција“, рече Џафери.

Претседателот на Собранието истакна дека изгласувањето на Законот е во рамките на Уставот и Деловникот и нема ништо спорно околу тоа.

На прашањето зошто не се разгледуваа 35 илјади амандмани од ВМРО-ДПМНЕ Џафери се повика на Членот 164. став 2. од Деловникот на Собранието во кој се вели дека доколку одреден закон по второто читање не претрпел никакви измени, пратениците немаат право да поднесат амандмани за третото читање на законот.

Изгласувањето на Законот не се изврши електронски туку рачно поради тоа што претходно екс-премиерот Никола Груевски истури вода врз системот, по што тој не беше функционален.

На прашањето дали донесувањето на овој Закон претставува провокација за меѓуетнички конфликт Џафери рече дека од носењето на овој закон нема да произлезе никаков конфликт меѓу граѓаните.

Виктор Јованов