Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска одржа прес-конференција на која што кажа дека е условен ребалансот на буџетот.
– Владата усвои ребаланс на буџетот и го достави до Собранието. Ребалансот ќе ги усогласи разликите на проектираното и реализираното, рече премиерот Зоран Заев.
Со буџетот се кратат непродуктивните трошоци со што според Заев се прави заштеда, а приходите се сведени на реалните очекувања.
Во ребалансот, како што кажа, се предвидува дефицитот на Буџетот да остане 2,9 отсто од БДП, а предвидениот раст да изнесува 2,2 проценти наместо првично предвидените 3 отсто од претходната влада и проектираните 2,8 од Светска банка, односно 2,7 отсто од НБРМ.
Предвидено е кратење на расходите од речиси три милијарди денари и на капиталните инвестиции за исто толку, но, како што истакна Заев, предвидено е да се реализираат сите веќе започнати инфраструктурни проекти, како и да се додаде изградба на некои нови училишта во источна и западна Македонија.
