Агенцијата за млади и спорт ќе поведе дисциплинска постапка и ќе го суспендира раководителот на секторот млади поради пропустите направени со објавувањето на збирката поезија, која поради сексизмот и дискриминацијата предизвика бура реакции во јавноста. Комисијата која ги бирала најдобрите три песни, постапила несовесно и непрофесионално и нејзините членови ќе сносат одговорност за објавувањето на песните со дискриминирачка содржина во збирката „Млади поети“.
Директорот на Агенцијата, Дарко Каевски на прес-конференција рече дека одговорност ќе сносат членовите на Комисијата која што го вршела изборот на песните, бидејќи според него имала и должност да направи избор кои од песните ќе бидат објавени. Од нив ќе се бара и да надокнада на направената штета од 170 илјади денари, за печатењето на 5.000 примероци на спорната книга.
Каевски не размислува да поднесе оставка, туку инсистира да се истражи случајот и да се лоцира одговорноста. Според него утврдено е несовесно и непрофесионално работење кај неколку чинители кои имале активна улога околу конкурсот, што довело до објавување на содржината во која што има родова и етничка дискриминација.
„Комисијата имала обврска да изврши селекција на пристигнатите песни, одговорноста за извршенот избор ја имаат нејзините членови. Агенцијата ќе поведе постапка и ќе бара од Комисијата да ја надомести штетата во целост“, рече Каевски.
Тој рече дека како директор не дал никаква писмена или усна согласност да биде уредник на зборката песни, а Агенцијата за млади и спорт не може да биде издавач, ниту пак тој како овластено лице не може да биде уредник, согласно Законот за издавачка дејност.
„Заради несовесно извршување на работните обврски, Агенцијата донесе одлука за формирање на Комисија за утврдување дисциплинска постапка и за суспендирање на раководителот на сектор млади“.
Галена Николовска-Ризвановиќ